• четврток, 26 декември 2024

Северна Македонија по 12-ти пат ќе се вклучи во акцијата „Часот на планетата Земја“

Северна Македонија по 12-ти пат ќе се вклучи во акцијата „Часот на планетата Земја“
Скопје, 27 март 2021 (МИА) - Република Северна Македонија 12-ти пат ќе се вклучи во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“. Оваа година, „Часот на планетата Земја“ ќе се одржи вечер, кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот. Во рамки на акцијата, во земјава во мрак ќе потонат повеќе локации во Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила „Водно“, Владата, Градскиот плоштад „Македонија“, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта „Македонија“, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловата тврдина, кејот „Македонија“ и црквите „Света Софија“, Плаошник и Канео. „Часот на планетата Земја“ започна како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година,  а сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја. - Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета, соопшти Здружението за заштита на животната средина „Часот на планетата Земја“ - Скопје. И оваа година акцијата ќе биде одбележана виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во земјава под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“ На двочасовната конференција која ќе се емитува во живо вечер, во 19:30 часот, на фејсбук профилот на „Часот на планетата Земја“ премиерно ќе бидат претставени климатските акции на Македонците преку презентацијата „Кон зелена иднина со амбициозни климатски акции“ на Павлина Здравева, координатор за климатски промени во канцеларијата на УНДП во Северна Македонија. Дополнително, преку три дебати во кои ќе учествуваат претставници од локалната власт, претставници од Собранието, бизнис секторот и невладините организации ќе се дискутира за забрзаното уништување на природата и начините како да го промениме нашето живеење за да ја осигураме иднината на планетата Земја. Во текот на конференцијата ќе биде презентирано и видео преку кое „Часот на планетата Земја“ и Светскиот фонд за природа (WWF) ќе се обидат да испратат порака на надеж, како што успеавме да се прилагодиме да живееме и дејствуваме против пандемијата, на сличен начин да се обидеме да дејствуваме против уништувањето на природата. - Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови, информираат од Здружението за заштита на животната средина „Часот на планетата Земја“ - Скопје. мд/сп/

Остани поврзан