• петок, 22 ноември 2024

Северна Македонија и Албанија ја прошируваат соработката во високото образование

Северна Македонија и Албанија ја прошируваат соработката во високото образование

Тирана, 31 јануари 2024 (МИА) - Северна Македонија и Албанија ја прошируваат соработката во сферата на високото образование, а во таа насока иницирана е соработка меѓу универзитетите „Гоце Делчев“ од Штип и „Александер Мојсиу“ од Драч, информираа од македонската Амбасада во Тирана.

Посочуваат дека во рамки на програмските задачи на Амбасадата, во делот на соработката од областа на високото образование македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски денеска остварил работна средба со проф. д-р Каснела Сотирофски, ректор на Универзитетот „Александер Мојсиу“ во Драч.

-На разговорот беа разгледани можностите за воспоставување соработка помеѓу универзитетите од Драч и од Штип, по претходно извршените консултации со ректорската управа. Амбасадорот ја истакна важноста од вклучување на двата универзитети низ заеднички наставни програми коишто ќе бидат компатибилни и суштински ќе одговараат на потребите на пазарот на трудот, што е од основен интерес на студентите, посочуваат од Амбасадата.

Посебно бил истакнат интересот за заеднички настап на двата универзитета пред одредени европски универзитети, со цел обезбедување меѓународни образовни програми и проекти за обука, кои ќе обезбедат максимални можности за градење меѓународни искуства за учење и обезбедување признавање на двојни дипломи.

-Ректорот Ксанела Сотирофски, чие потекло е од с. Церје – Мала Преспа, го поздрави отворањето на лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици, оценувајќи го како важна алка во образованието на македонското национално малцинство, но и пошироко за сите заинтересирани студенти, како придонес во натамошното градење на пријателските односи меѓу двете држави и народи, нагласуваат од Амбасадата.

На средбата било договорено македонската амбасада во Тирана да овозможи еднодневна практична настава за студентите од Факултетот за политичко правни науки, а амбасадорот да одржи предавање пред студентите и професорскиот кадар на универзитетот во Драч.

Како што пред два дена информираа од Амбасадата и од Факултетот за странски јазици во Тирана, на 5 идниот месец почнуваат бесплатните курсеви по македонски јазик, литература и култура, како воннаставен предмет на овој факултет.вт/фф/

Фото: Амбасада на Северна Македонија во Тирана/ ФБ Универзитет Драч

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан