„Северна Македонија во фокусот“ со шест филма на 30. Фестивал на европскиот филм на Палиќ во Суботица
- Во рамки на јубилејниот 30. Фестивал на европскиот филм на Палиќ, кој ќе се одржи од 15 до 21 јули во Палиќ и Суботица, ќе бидат претставени селекциите „Северна Македонија во фокусот“ и „Новиот унгарски филм“, јави дописникот на МИА од Белград.
Белград, 10 јули 2023 (МИА) - Во рамки на јубилејниот 30. Фестивал на европскиот филм на Палиќ, кој ќе се одржи од 15 до 21 јули во Палиќ и Суботица, ќе бидат претставени селекциите „Северна Македонија во фокусот“ и „Новиот унгарски филм“, јави дописникот на МИА од Белград.
Во селекцијата „Северна Македонија во фокусот“ на програмата ќе бидат прикажани шест филмови: „Чисто човечки“ на Игор Иванов, „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, „Исцелител“ на Ѓорѓе Ставрески, „Мими“ на Даријан Пејовски, „Снежана на крајот мора да умре“ од Кристијан Ристески и „Сестри“ од Дина Дума. Филмовите ќе се прикажат во временскиот перод од 16 до 21 јули, а програмата се реализира во соработка со Агенцијата за филм на Северна Македонија.
Европскиот филмски фестивал Палиќ е моментално еден од најважните настани во Србија, еден од најважните филмски фестивали во регионот и еден од ретките во светот со 100-процентна европска содржина. Фестивалот има за цел да ги претстави најквалитетните достигнувања на современата европска кинематографија и да ја негува традицијата на авторскиот и уметничкиот филм со цел да придонесе за културниот живот на целиот регион. На овогодинешното издание на фестивалот се очекуваат над 150 филмски професионалци од земјава и странство.
Фестивалот на европски филм Палиќ е поддржан од Министерството за култура на Република Србија, Покраинскиот секретаријат за култура, јавното информирање и односи со верските заедници на Војводина, градот Суботица, Европската унија преку програмата „Креативна Европа МЕДИА“, како и бројни партнери и медиумски партнери. об/вг/