• понеделник, 23 декември 2024

СДСМ: Сите коалициски партнери ја потврдија стабилноста на парламентарното мнозинство

СДСМ: Сите коалициски партнери ја потврдија стабилноста на парламентарното мнозинство
Скопје, 5 ноември 2021 (МИА) - Парламентарното мнозинство е одговорно кон иднината на државата и народот и во оваа насока СДСМ разговора со сите партии коалициски партнери, кои потврдија дека мнозинството во Собранието е стабилно и изразија поддршка на Владата од оваа парламентарно мнозинство, соопшти денеска Социјалдемократскиот сојуз. - На Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза со јасен евроатлантски курс на дејствување, се додава во соопштението. Од партијата информираат дека во тек се секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство. - На денешниот состанок на раководство на СДСМ, претседателот на партијата Зоран Заев информираше за консултациите и разговорите со коалициските партнери, информираа од СДСМ. Во соопштението се посочува дека заедно со претседателот Зоран Заев, партиското раководство работи на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко можно ниво и секако да биде водечка партија во парламентарното мнозинство кое го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата. - На денешниот состанок на раководството се утврдија следните чекори на партијата кои од наредната недела ќе бидат ефектуирани, за што јавноста, граѓаните, ќе бидат информирани, истакнаа од партијата. Од СДСМ, посочуваат и дека согласно статутарните одредби, со оставката на Заев на местото лидер на партијата, во оставка е и целото раководство на СДСМ. рп/сп/

Остани поврзан