• понеделник, 23 декември 2024

СДСМ предложи свои заклучоци до Анкетната комисија

СДСМ предложи свои заклучоци до Анкетната комисија

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Бараме од ОЈО под итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија, како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите. Ова да биде првиот заклучок од Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, предложија денеска,  осумте пратеници членови на комисијата, од страна на СДСМ и коалицијата. Заклучоците се доставени до претседателката на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Рашела Мизрахи. 

 - Постоеле долгогодишни системски слабости во функционирањето на Клиниката, констатирани и во извештаите на ДЗР за 2021, 2012 и 2008 година. Се констатира дека до 2017 година не била набавувана современа иновативна терапија за лекување на пациентите на Клиниката. Измените на 333 со кои се дозволува увоз на лекови без сертификат за квалитет од земји надвор од ЕУ преставувал потенцијална опасност од увоз на лекови со сомнително потекло, се вели во заклучоците. 

Со нив се бара да се донесе нов начин на финансирање на целокупниот здравствен систем и имплементација на track and trase системот согласно искуството од земјите на ЕУ, модернизација и регионализација на онколошките центри ширум државата.

- Набавката на Централен систем за терапија со нефункционален софтвер и недоволен кадар, не ја исполнил намената за која бил набавен. Со набавката на биолошка терапија од 2017 нагло се зголемува долгот на Клиниката, посебно од 2022 година, но и бројот на пациенти кои се третираат со истата, се дел од заклучоците понудени од СДСМ и коалицијата. 

Потребно е, се вели, воведување законски измени за редовни превентивни прегледи за заштита на здравјето на граѓаните.

- Да се спроведат препораките на ДЗР и да се донесат измени во Законот за јавни набавки. Да се обезбеди редовна и квалитетна набавка на лекови на иновативна биолошка терапија, врз основа на измените на Законот директно од производителот. Продолжување на постапката за ревидирање на позитивната листа. Да не се набавува опрема, без соодветен функционален систем и без обезбеден простор и персонал за работа, а опремата и апаратите кои се во функција, веднаш да се стават на располагање на пациентите, е наведено во предложените заклучоци доставени до Мизрахи, а ги соопшти пратеникот Ненад Коциќ. 

Во моментов има пауза, а претходно имаше несогласувања помеѓу членовите на комисијата, околу самите заклучоци.  

Членовите на Анкетната комисија не може да се усогласат за заклучоците од досегашната работа за утврдување на политичка одговорност.

Претседателката на Анкетната комисија, Мизрахи на денешната седница соопшти дека заради прекршување на уставни начела, непостапување согласно надлежностите кои се пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи, политичка одговорност за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија е утврдено кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директор на Онкологија Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка Ирина Сотирова Букова, тогашните директори на ФЗО, Стево Кртсевски и Фатон Ахмети.

По претставувањето на овие заклучоци од Мизрахи, реагираа пратениците членови на СДСМ, кои истакнаа дека не се согласуваат со овие заклучоци оти, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.  Посочија дека ќе бараат да даде оставка претседателката на Комисијата, Мизрахи. бд/аа/


Фото: МИА 

Остани поврзан