• понеделник, 23 декември 2024

Свечља: Шестмина напаѓачи врз косовската полиција се лекуваат во Нови Пазар, Србија да ги предаде на Косово

Свечља: Шестмина напаѓачи врз косовската полиција се лекуваат во Нови Пазар, Србија да ги предаде на Косово

Приштина, 25 септември 2023 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека има информации оти шестмина ранети членови на групата која вчера изврши напад врз косовската полиција на северот од земјата се лекуваат во болница во градот Нови Пазар во Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција по повод вчерашниот инцидент во селото Бањска, кај Звечане, во кој беше убиен еден косовски полицаец и најмалку тројца од групата напаѓачи, која официјална Приштина ја квалификува како терористичка, Свечља побара од Србија да ги предаде ранетите, како и сите други припадници на групата од над 30 лица кои по акцијата на косовската полиција пребегнале во соседната држава.

- Според досегашните информации, шест ранети терористи се лекуваат во болницата во Нови Пазар и бараме од Србија истите веднаш да ги предаде на властите во Косово, со цел да одговораат пред правдата за терористичките дела. Исто така бараме од Србија да ни го предаде секој припадник на групата кој успеал да побегне во Србија, рече Свечља. иа/ссм/

Остани поврзан