• недела, 22 декември 2024

Отворена доградбата на градинката „Гоце Делчев“ во општина Илинден

Отворена доградбата на градинката „Гоце Делчев“ во општина Илинден

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Доградбата на детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден, денеска беше свечено отворена. Со овој чекор, како што беше посочено на настанот, нема повеќе листи за чекање за упис во градинка во оваа општина.

Десет месеци траела изградбата на новиот дел на оваа градинка. Беше кажано дека проектот чини 15.000.000 денари, средства од општинскиот буџет, а средствата за опремата биле обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Капацитетот на доградбата е за 60 деца и опфаќа 280 квадрати, со две отворени и две затворени занимални, три тоалети, тријажа, чајна кујна и посебен влез со хол.

Предвидено е да се згрижат децата од најмалата група, но, има можност во иднина да се згрижат деца и до шестгодишна возраст.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека за нив како претставници од Владата, од Парламентот, градоначалници, претставува посебна чест и задоволство што објектот што „го почнавме да го градиме со симболично би рекол поставување камен-темелник пред неколку месеци, денеска го гледате завршен“.

- Јас му честитам на градоначалникот за исклучително брзата реализација на ова изборно ветување, ветување со што практично во општина Илинден ќе нема повеќе листи за чекање за упис во градинка. Односно, сите дечиња кои ќе имаат потреба од сместување во објектите овде во градинките во општина Илинден, ќе бидат сместени, рече премиерот.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани го истакна значењето на вложувањето во раниот детски развој, како приоритет на оваа Влада.

- Во соработка со општините што најдобро ги знаат потребите на граѓаните, продолжуваме да инвестираме во изградба на објекти и содржини, што ќе им овозможат на децата да растат, учат и се развиваат, на најдобар можен начин. Посветено ќе работиме и на намалување на листите на чекање, затоа што секое дете е важно и секое дете треба да е вклучено во воспитно-образовниот процес. Затоа што, раниот развој на децата е клучен за обликување на нивните идни способности, вештини и здравје, истакна Лимани.

Градоначалникот Александар Георгиевски рече дека општина Илинден е една од ретките општини во скопскиот регион, што немаат проблем со згрижување деца.

- Со пуштањето во употреба на ова крило, моментално комплетно го решаваме проблемот со згрижување деца во градинка на територија на општина Илинден. Односно, листата за чекање за упис во градинка во овој момент, е практично нула. Со што сме една од ретките општини во скопскиот регион што немаат проблем со згрижување деца. Иако проблем со згрижувањето веќе немаме, сепак нашите идни планови не застануваат тука, односно нашата цел како локална самоуправа е оваа градинка да добие уште еден клон на нова локација, со што проблемот ќе го решиме и во перспектива. Затоа што општина Илинден е брзорастечка општина каде бројот на население брзо се зголемува, пред сѐ кај популацијата на млади брачни парови, кои својата иднина ја гледаат во нашата општина, нагласи градоначалникот. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан