• понеделник, 23 декември 2024

Свечена академија по повод Денот на св. Климент Охридски

Свечена академија по повод Денот на св. Климент Охридски

Скопје, 8 декември 2023 (МИА) - Во пресрет на великиот црковен и државен празник – Денот на св. Климент Охридски, синоќа во „Музејот на македонската борба за самостојност“ се одржа свечена академија.

На Академијата слова произнесоа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, м-р Даријан Сотировски.

Свеченото слово, пак, посветено на поетиката на светиот Климент, го произнесе истакнатиот лингвист, проф. д-р Димитар Пандев, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Академијата беше разубавена со прекрасните црковни песнопенија на хорот при Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, под диригентската палка на маестро Панче Јосифов, како и со извонредниот сплет на македонски народни песни во изведба на Архиеспископскиот брасс квинтет.

На Академијата присуствуваа митрополити, епископи и бројни свештенослужители на Македонската православна црква, видни претставници на Исламската верска заедница, претстојателот на Католичката црква и суперинтендентот на Евангелистичко-методистичката црква, претставници на останатите цркви и верски заедници, министри, пратеници, академици, градоначалници, раководители на владини и локални институции, членови на дипломатскиот кор, декани и продекани, професори, научни и културни работници, студенти, богослови и почитувачи на светиот лик и на незаменливото дело на великанот од нашиот крај и од нашиот род – светиот Климент, охридскиот чудотворец. дма/

Фото: МПЦ - Охридска Архиепископија

Остани поврзан