• петок, 22 ноември 2024

Свечена академија по повод Денот на просветителите во Крива Паланка

Свечена академија по повод Денот на просветителите во Крива Паланка

Крива Паланка, 23 мај 2023 (МИА) - Со изведба на државната химна од хорот и оркестарот на Националната установа за народни песни и игри, ансамблот „Танец“, во Крива Паланка беше отворена Свечената академија посветена на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј и Св. Јоаким Крчовски што се одржа во Центарот за култура.

На академијата беа доделени признанијата за најдобрите ученици на генерација во учебната 2022/23 од двете основни училишта и средното општинско училиште од градот, како и за најдобар просветен работник во одделенска и предметна настава.

На свеченоста, по повод прва година одбележување на 23 Мај, Денот на Св. Јоаким Крчовски, говореше Митрополитот Кумановско-Осоговски г. Грирориј, кој истакна дека онака како што телото без душата е мртво, така и верата без делата, без поучување од евангелијата е мртва.

-Светителот Јоаким Крчовски кој потекнува од македонскиот род, кој живеел и творел на ова тло, е верен продолжувач на ликот и делото на рамноапостолните браќа, светите Кирил и Методиј. Крчовски не поучува дека за да се остане во верата треба да се потхранува човекот со добри дела во текот на работната седмица, но и преку неделните литургии. Наша задача нека биде да ги преведеме делата со кои поучувал и ги просветувал нашите предци светителот,да бидат широко достапни, за да знаеме како ревносно поучувал, рече владиката Григориј, митрополит на КОЕ.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски истакна дека учителот гради, обликува личности ширејќи го нивниот спектар на знаења.

-Одот низ знаењето, работењето и сеењето светлина во животот на луѓето, сеење семе на добрина и почит, е најтешката задача, што по родителите, во животот на секој човек ја имаат учителите. Во нивна чест се слави и вечерва, со свечено воздигнување на учителската работа, на учењето и знаењето.Зашто општеството се темели на едуцирани и вешти кадри, произлезени од квалитетни воспитно-образовни институции и добри педагози, учители, професори, ментори. Токму на тоа поле и ние како општина вложуваме многу, во младите , во училиштата, во сите услови што придонесуваат за уште подобар квалитет на процесот на едукација и развој на младите. Во дланките на сите педагози, учители, професори , стојат патоказите за младите кон иднината, кон промената на светот. А со силата во нивните умови, во младите - спие иднината. Затоа, мојата порака до сите млади е: бидете будни, бидете за знаења жедни, бидете вредни, порача Митовски.

За најдобар просветен работник од предметна настава е прогласена професорката по математика Сашка Младеновска од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, а најдобра наставничка во одделенска настава Маре Анѓеловска од ООУ „Илинден“.

За ученици на генерација 2022/23 беа прогласени Дениција Илиевска и Сара Стојановска од основните училишта, а од средношколците, матурантката Лина Рангелова.

Вечерашната прослава ја збогати ексклузивниот настап на младиот босански талент Ајдин Османовиќ и неговиот професор Јасмин Брашниќ, кои и утре вечер, во 19 часот ќе одржат концерт во чест на 24 Мај, во Центарот за култура Крива Паланка. ид/мс/

 

Остани поврзан