• понеделник, 23 декември 2024

Светските лидери изразуваат сочуство по катастрофалниот земјотрес во Мароко

Светските лидери изразуваат сочуство по катастрофалниот земјотрес во Мароко

Маракеш, 9 септември 2023 (МИА) - Светските лидери денеска изразуваат сочувство во врска со силниот земјотрес што синоќа го потресе Мароко и во кој животот го загубија најмалку 632 лица.

Еден од овие лидери е шпанскиот премиер Педро Санчез. „Целата моја солидарност и сета моја поддршка се за народот на Мароко по страшниот земјотрес“, напиша Санчез на социјалната платформа Х, до неодамна позната како Твитер.

„Шпанија е со жртвите на оваа трагедија и со нивните семејства“, истакна шпанскиот лидер.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека е „потресен по ужасниот земјотрес во Мароко“ и понуди помош од Франција за справување со последиците од земјотресот. „Франција е подготвена да дојде на помош“, напиша Макрон на X.

Сочувство упати и рускиот претседател Владимир Путин. „Во Русија ја споделуваме болката и тагата на пријателскиот марокански народ“, рече Путин во изјавата упатена до мароканскиот крал Мухамед Шести.

Сочувство упати и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Индискиот премиер Нарендра Моди и германскиот канцелар Олаф Шолц се исто така меѓу оние кои изразија сочувство. „Исклучително сум тажен поради загубата на (човечки) животи во земјотресот во Мароко“, напиша Моди на платформата Х. „Во овој трагичен час, моите мисли се со народот на Мароко. Сочувство до оние кои ги загубија своите најблиски“, се вели во објавата на индискиот лидер.

„Ужасни вести од Мароко. Во овие тешки часови, нашите мисли се со жртвите од овој разорен земјотрес. Сочувствуваме со сите погодени од оваа природна катастрофа“, посочи Олаф Шолц во објавата на X.

Претседателот на Комисијата на Африканската Унија, Муса Факи Махамат, изрази „голема болка“ и изрази сочувство до народот на Мароко во врска со земјотресот. „Со голема болка ја примив веста за трагичните последици од земјотресот што го погоди Мароко. Упатувам најдлабоко и најискрено сочувство до неговото височество кралот Мохамед Шести, мароканскиот народ и семејствата на жртвите“, рече Муса Факи Махамат во изјава објавена на неговиот профил на Х.

Турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган испрати порака за поддршка до мароканскиот народ по силниот земјотрес што ја погоди нивната земја. „Посакувам Божја милост на сите загинати и брзо закрепнување на повредените. Стоиме покрај нашите браќа Мароканци со сите расположливи средства во овие тешки моменти“, рече Ердоган во пораката на социјалната мрежа Икс. 

Министерството за надворешни работи на Турција објави порака на сочувство и солидарност до луѓето кои ги загубија животите во земјотресот и понуди помош за погодените подрачја. „Изразуваме сочувство до пријателскиот и братски народ и Владата на Мароко. Господ да ги помилува луѓето кои ги загубија животите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, се вели во соопштението на Министерството. Во него се истакнува и дека Турција е подготвена како и секогаш да му пружи секаква поддршка на Мароко за да се опорави по земјотресот. ссм/

фото: принтскрин

 

Остани поврзан