• понеделник, 23 декември 2024

Светските лидери го осудија обидот за атентат врз Трамп (ДПЛ)

Светските лидери го осудија обидот за атентат врз Трамп (ДПЛ)

Скопје, 14 јули 2024 (МИА) – Светските лидери го осудија обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија.

Австралискиот премиерот Ентони Албанез обидот за атентат го оцени како „непростлив напад врз заедничките демократски вредности на САД и Австралија“.

- Во Австралија како и во САД, суштина и цел на нашите демократии е да можеме да го изразиме нашето мислење, да дебатираме за несогласувањата и да ги решаваме разликите на мирен начин, истакна Албанез во австралискиот Парламент.

Претседателот на Ел Салвадор, Наџиб Букеле, го осуди обидот за атентат врз Трамп и порача дека во демократијата нема место за насилство.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола изрази шокираност од „страшниот напад“, посочувајќи оти „е неприфатливо политичкото насилство и не смее да има место во нашите општества“.

Претседателот на Кина, Си Џинпинг изјави дека е вознемирен од пукањето и изрази жалење за инцидентот.

Додека германскиот премиер Олаф Шолц на Икс објави дека пукањето врз Трам е „одвратен чин“ и закана по демократијата.

- Нападот врз американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е одвратен. Му посакувам брзо закрепнување. Моите мисли се со сите оние кои беа погодени од нападот. Таквите постапки претставуваат закана за демократијата, напиша Шолц на Икс.

И шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на Икс го осуди обидот за атентат врз Трамп, при што беше елиминиран напаѓачот, а уште едно лице загина, а двајца се тешко повредени од залутани куршуми.

-х Во демократските земји борбите се водат со гласачки ливчиња, а не со оружје. Во овие мрачни часови за американската демократија мислам на жртвите од нападот. Му посакувам на Доналд Трамп и на другите жртви брзо закрепнување, напиша Бербок.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го осуди нападот потенцијрајќи дека „Нема место во нашите демократии за политичкото насилство“.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган исто така го осуди обидот за атентат врз Трамп и му посака брзо оздравување.

- Верувам дека истрагата за нападот ќе биде спроведена на најефикасен начин и поттикнувачите во најкус можен рок ќе бидат изведени пред правдата, со цел да не се фрли сенка на американските избори и глобалната стабилност, истакна Ердоган.

Жалење за инцидентот во Пенсилванија изразија и претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти.

- Ние сме солидарни со поранешниот претседател Доналд Трамп, неговото семејство и сите Американци погодени од пукањето на митинг во Пенсилванија. Секаков вид политичко насилство каде било е апсолутно неприфатливо и најостро го осудуваме, објави Османи на Икс.

Додека во твитот на Курти се наведува дека „политичките несогласувања во една демократија секогаш треба да се изразуваат преку мирни форми на говор и протест и да се решаваат преку слободни и фер избори, без исклучок“.

И претседателот на Бугарија, Румен Радев го осуди обидот за атентат врз Трамп.

Насилството и омразата се закана за демократските процеси и се неприфатливи, истакна Радев на Икс.

И претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама остро го осуди нападот врз Трамп.

- Со жалење дознав за атентатот врз поранешниот претседател Доналд Трамп. Му посакувам брзо закрепнување и изразувам најдлабоко сочувство за загубата на невин живот. Најостро го осудуваме овој напад и сите форми на политичко насилство, за кои нема место во демократијата, напиша Бегај на Икс.

Додека Рама посочи дека се надева оти обидот за атентат врз Трамп ќе ги обедини САД и сите луѓе во демократскиот свет во борбата против насилството.

Вознемирувачко е да се види како е застрелан кандидат за претседател на САД на митинг и да се слушне дека еден од присутните починал, а неколку други се повредени. Ова е трагедија за демократскиот свет. Моите мисли се со поранешниот претседател Трамп и неговото семејство. Сите се надеваме дека овој ужасен настан ќе ги обедини Америка и сите луѓе од демократскиот свет против сите форми на насилство, напиша Рама на Икс. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан