Светските музеи изразија загриженост по нападите на климатските активисти
- Тие се „длабоко шокирани од несовесното загрозување на тие дела во низата напади на активистите“ што имаат цел со тоа да го привлечат вниманието.
Париз, 11 ноември 2022 (МИА) - Околу стотина меѓународни музеи денеска во заедничко соопштение изразија длабока загриженост од постапките на климатските и екоактивистите, насочени кон оштетување на уметнички дела.
„Активистите одговорни за тие напади во голема мера ја потценуваат чувствителноста на овие незаменливи дела“, се вели во заедничката изјава на големите меѓународни музеи како „Прадо“ во Мадрид, „Лувр“ во Париз, „Гугенхајм“ во Њујорк итн. Тие се „длабоко шокирани од несовесното загрозување на тие дела во низата напади на активистите“ што имаат цел со тоа да го привлечат вниманието на јавноста кон глобалното затоплување. Последниве недели, активисти за климата оштетија слика на Гоја во Мадрид, познатата графика „Кембелова супа“ на Енди Ворхол, изложена во Австралија, „Сончогледите“ на Ван Гог во Лондон, како и дело на Клод Моне во Потсдам, Германија. „Музеите се места каде што се воспоставува дијалог меѓу луѓето од различни делови на светот и затоа тие придонесуваат за општествена размена“, велат 92-та потписници. Сликите, за среќа, останаа неоштетени, но настанот со „Сончогледи“ предизвика мали оштетувања на рамката. Затоа, „основните функции на музејот - собирање, истражување, посредување и конзервација се поважни и поактуелни од кога било“, се истакнува. си/сд/