• четврток, 02 јануари 2025

Светската популација ќе порасне за повеќе од 71 милион луѓе во 2024 година

Светската популација ќе порасне за повеќе од 71 милион луѓе во 2024 година

Њујорк, 30 декември 2024 (МИА) - Светското население ќе се зголеми за повеќе од 71 милион луѓе во 2024 година, достигнувајќи над 8,09 милијарди луѓе до крајот на годината, покажуваат податоците на Американското биро за попис на населението.

Се проценува дека до 1 јануари 2025 година, популацијата ќе достигне 8.092.034.511 луѓе. Процентуално, светското население ќе порасне за речиси 0,9 проценти во 2024 година, што е мало забавување во однос на 2023 година. Тогаш имаше зголемување од околу 75 милиони луѓе.

Во јануари 2025 година се очекува во светот да се раѓаат просечно 4,2 деца секоја секунда, додека во просек се очекуваат два смртни случаи.

Проекциите покажуваат и дека населението на САД ќе порасне за 2,6 милиони луѓе во 2024 година, достигнувајќи 341 милион до 1 јануари 2025 година. Во САД се предвидува едно раѓање на секои 9 секунди и една смрт на секои 9,4 секунди во јануари 2025 година.

Се очекува меѓународната миграција да придонесе за раст на населението во САД за едно лице на секои 23,2 секунди.

Како резултат на раѓања, смртни случаи и нето меѓународна миграција, населението во САД ќе се зголемува за едно лице на секои 21,2 секунди, според Бирото за попис.

Од април 2020 година, населението на САД порасна за речиси 9,7 милиони луѓе, што е зголемување од 2,9 проценти. Во деценијата од 2010 до 2020 година, бројот на Американци се зголеми за 7,4 проценти, што е најниско за земјата во последната деценија од 1930-тите.

Според проценките на Бирото за попис на САД од 1 јули 2024 година, најнаселена земја во светот е Индија (1,409 милијарди луѓе), потоа Кина (1,407 милијарди луѓе), САД (340,1 милиони луѓе), Индонезија (281,5 милиони луѓе) и Пакистан (252,3 милиони луѓе). ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан