• петок, 22 ноември 2024

Света архијерејска Литургија за споменот на Светите Кирил и Методиј во бигорскиот скит посветен на солунските браќа во селото Битуше

Света архијерејска Литургија за споменот на Светите Кирил и Методиј во бигорскиот скит посветен на солунските браќа во селото Битуше

Дебар, 20 мај 2024 (МИА) - Свештената бигорска Обител попладнево информираше дека на денот кога Православната Црква го слави споменот на Светите Рамноапостолни сесловенски просветители, духовните наши родоначалници, солунските браќа Кирил и Методиј, 24 мај, ќе се отслужи утрена и Света архијерејска Литургија, во Бигорскиот скит посветен на солунските браќа, во селото Битуше.

Утрената богослужба ќе почне во 8 додека Светата архијерејска Литургија во 9 часот а со неа ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со архимандритите и јеромонасите од бигорската Обител.

- Во храмот, кој сè уште се наоѓа во фаза на изградба и оваа година молитвено ќе се собереме, за да испросиме од Бога и од Светите Браќа благослов и поскоро завршување на нивниот нов дом. На Светата Литургија ќе присуствуваат сите монашки заедници под духовно раководство на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, односно братството на Бигорскиот манастир и сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино, стои во објавата на Бигорски манастир.

Од година во година се поголем е бројот на оние кои присуствуваат на Светата архијерејска Литургија во овој скит, оддавајќи им почит на сесловенските просветители.

Скитот посветен на светите рамноапостоли сесловенски првоучители и покрстители, солунските браќа Кирил и Методиј се наоѓа на висорамнината под планината Крчин, над долнореканското живописно село Битуше, општина Маврово и Ростуше.

Темелите беа осветени и поставени на 31 мај 2014 година, а првата литургија беше одржана на 24 мај 2017 година.

Иницијативата за градење и идејното решение беа на владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој има голема љубов и почит кон светите браќата Кирил и Методиј. вт/сст/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан