• сабота, 14 февруари 2026

Сведоштво во Конгресот на д-р Пејви Ресенен: ЈО ме гони, а полицијата во Финска бараше од мене да го избришам цитатот од апостол Павле за хомосексуализмот

Сведоштво во Конгресот на д-р Пејви Ресенен: ЈО ме гони, а полицијата во Финска бараше од мене да го избришам цитатот од апостол Павле за хомосексуализмот

Вашингтон, 14 февруари 2026, (МИА) 

Д-р Пејви РЕСЕНЕН

Моето име е д-р Пeјви Расанен. Од 1995 година сум пратеник во финскиот парламент како член на Христијанската Демократска партија, а во периодот од 2011 до 2015 година ја извршував функцијата министер за внатрешни работи. Исто така сум доктор по медицина и горда баба на дванаесет внуци. Финска е демократија изградена врз владеењето на правото и основните слободи. Овие вредности ми значат многу, и како Европејка и како христијанка.

Во јуни 2019 година, раководството на Евангелистичко-лутеранската црква на Финска објави официјално партнерство со ЛГБТ настанот „Pride 2019“ во Хелсинки. Како одговор, на Твитер ги изразив моите христијански верувања за бракот и сексуалноста. Објавата беше упатена до црковното раководство, при што ја доведов во прашање нивната одлука да учествуваат на настанот, бидејќи сметам дека тоа е во спротивност со нашата христијанска вера. Во објавата додадов и фотографија од библиски стихови од Посланието до Римјаните, кои го обликуваа мојот став по ова прашање. Тоа го направив мирно и со почит, без да навредам или таргетирам било кого.

Поради ова изразување на моето право на слобода на говор, бев предмет на полициска истрага и испрашувана повеќе од тринаесет часа. Прашањата од полицијата се однесуваа директно на Библијата и нејзиното толкување. Бев прашана: „Која е пораката на Посланието до Римјаните и на неговото прво поглавје?“ и „Што мислите под зборовите „грев“ и „срам“?“ На социјалните мрежи се прошири шега дека Пeјви Ресенен повторно има библиска студија во полициска станица. Полицијата ме праша дали би се согласила да ги избришам моите текстови во рок од две недели. Одбив и повторно ја потврдив мојата вера во библиските учења, без оглед на последиците. Објаснив дека нема да се извинувам за она што го напишал апостол Павле.

На 29 април 2021 година, финската државна обвинителка Раја Тојвијајнен, формално ме обвини по три точки за „поттикнување омраза против малцинска група“ поради јавно изразување ставови за бракот и човечката сексуалност во брошура од 2004 година, поради изјави дадени во радио-емисија во 2019 година и поради споменатата објава на Твитер. Лутеранскиот бискуп Јухана Појола беше обвинет заедно со мене затоа што ја објавил брошурата. Делото „поттикнување омраза против малцинска група“ во финскиот Кривичен законик спаѓа во делот „воени злосторства и злосторства против човештвото“ и може да носи казна до две години затвор. Јас никого не сум навредила, ниту сум повикала на насилство. Бев кривично гонета единствено затоа што ги изразив моите убедувања засновани на верата и совеста.

Двапати финските судови едногласно ме ослободија од вина. Со бискупот се соочивме со два дена судење пред Окружниот суд во Хелсинки на 24 јануари и 14 февруари 2022 година. Обвинителството првично изјави дека судењето нема да биде расправа за Библијата, но подоцна се фокусираше токму на суштинските христијански учења. Обвинителката тврдеше дека мојот став може да се сумира како „сакај го грешникот, мрази го гревот“ и дека тоа е навредливо и дискриминаторско, бидејќи, според неа, не може да се оддели идентитетот на личноста од нејзините постапки. Според таа логика, осудувањето на одредено дело значи и осуда на личноста како помалку вредна. Ова гледиште е спротивно и на христијанското сфаќање за човекот и на здравиот разум.

На 30 март 2022 година, Окружниот суд во Хелсинки едногласно нè ослободи, наведувајќи дека „не е работа на Окружниот суд да толкува библиски концепти“. Судот наложи обвинителството да плати повеќе од 60.000 евра судски трошоци. Обвинителството поднесе жалба во април 2022 година и продолжи да бара високи парични казни и цензура на моите публикации. Според финското законодавство, Обвинителството може да поднесе жалба и на ослободителни пресуди до Врховниот суд. На 31 август и 1 септември 2023 година, Апелациониот суд во Хелсинки го разгледуваше случајот, а на 14 ноември 2023 година ја потврди ослободителната пресуда. Во јануари 2024 година Обвинителството повторно поднесе жалба.

Во април 2024 година, Врховниот суд соопшти дека ќе го разгледа случајот, а расправата се одржа на 30 октомври 2025 година. Обвинителството повтори дека моите зборови биле „навредливи“, дека „намерата е ирелевантна“ и дека е важно како текстот го толкуваат читателите. Побараа да бидам осудена, да ми се изречат парични казни и објавите да бидат цензурирани (обвиненијата поврзани со радио-емисијата беа повлечени).

Мојата надеж е дека одлуката на Врховниот суд ќе го потврди правото на секој човек во Финска слободно да ги изразува своите убедувања без страв од казна. Конечна ослободителна пресуда би поставила силен преседан за заштита на слободата на изразување, особено во прашања на вера и совест.

Мојата одбрана беше координирана од правната организација ADF International, предводена од адвокатите Пол Колман и Лоркан Прајс, заедно со финскиот адвокат Мати Санкамо, врз основа на слободата на говор и вероисповед загарантирани со финското, европското и меѓународното право. Одбраната тврдеше дека слободата на говор е темелно право и основа на демократското општество, а нејасно формулираните закони за „говор на омраза“ можат да ја поткопаат таа слобода.

Овој случај никогаш не бил само за мене и за бискупот. Станува збор за тоа дали мирното изразување длабоко вкоренети убедувања може да се третира како кривично дело во денешна Европа. Станува збор за тоа дали граѓаните, вклучително и свештени лица и избрани претставници, смеат отворено да зборуваат за прашања на вера и совест без страв од гонење.

Иако судовите нè ослободија, самиот процес траеше со години и претставуваше товар. Тоа создава ефект на заплашување, не само за христијаните, туку и за сите што имаат ставови различни од официјално прифатените. Заканата од цензура претставува сериозен предизвик за современите европски демократии. Не мора да се согласувате со моите убедувања за да ја согледате опасноста од криминализирање на мирен говор.

За време на овој период, бев поддржана од мојата вера и од илјадници пораки на поддршка од целиот свет, вклучително и од членови на Конгресот на САД. Останувам со надеж дека слободата на изразување ќе биде заштитена. Таа е премногу важна за да биде изгубена.

Она што ми се случи поради објава на библиски стих на Твитер пред шест години покажува дека борбата за слободата на говор повеќе не е теоретска. Тоа е прашање со глобални последици. Сметам дека е чест да се брани слободата на говор и вероисповед – темелни права во едно демократско општество. Се надевам дека ќе дојде ден кога правото на слободно изразување ќе биде целосно почитувано за сите што мирно ги изразуваат своите убедувања.

Ви благодарам за вашата посветеност кон слободата.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан