Саудискиот министер за надворешни работи истакна дека Иран мора да ги запре нападите врз заливските држави
- Саудиска Арабија го повика Иран да ги прекине нападите врз соседните заливски држави, пренесува ДПА повикувајќи се на „Ал џезира“.
Ријад, 19 март 2026 (МИА) - Саудиска Арабија го повика Иран да ги прекине нападите врз соседните заливски држави, пренесува ДПА повикувајќи се на „Ал џезира“.
Нападите на Иран врз неговите соседи ќе имаат последици, изјави саудискиот министер за надворешни работи, Фаисал бин Фархан, по разговорите со министрите за надворешни работи од арапските и исламските земји во Ријад. Првиот дипломат на Саудиска Арабија истакна дека Иран само дополнително се изолира со своите постапки.
„Се надевам дека тие ќе ја разберат пораката од денешниот состанок, бргу ќе направат нови пресметки и ќе престанат да ги напаѓаат своите соседи“, рекол тој.
Иран повеќепати ги нападна Саудиска Арабија и заливските земји со ракети и дронови од почетокот на војната во Иран, која ја почнаа САД и Израел на 28 февруари. Образложението на Иран дека нападите се поврзани со присуството на американските воени бази е „неубедливо“, рече Фаисал бин Фархан.
- Нападите на Иран врз соседните земји беа со претходна намера, а она на што сме сведоци сега го потврдува тоа - додаде тој. „Ќе ги искористиме сите средства што ги имаме - политички, економски, дипломатски … за да ги запреме овие напади“.
Саудиска Арабија го свика состанокот на министрите за надворешни работи за заеднички да се промовираат безбедноста и стабилноста во регионот, беше соопштено пред разговорите.
По состанокот, Саудиска Арабија повторно беше цел на дронови. Три дронови биле пресретнати и уништени во источниот дел на земјата, соопшти Министерството за одбрана на Х. јт/
Фото: ЕПА