• петок, 22 ноември 2024

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Со нова награда продолжува успешниот пат на „Кајмак“, најновиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. За улогата на Доста во „Кајмак“ Сара Климоска е прогласена за најдобра актерка во главната натпреварувачка програма на Филмскиот фестивал во Сомбор, Србија.

Овој фестивал своето петто издание годинава го одржа под мотото „За оние кои доаѓаат“. Србија е една од земјите каде „Кајмак“ беше и на редовниот кино репертоар.

- Сара е глумец од светски калибар, талент што се раѓа еднаш во генерација, изјави Манчевски за Климоска.

Наскоро „Кајмак“ ја очекува и американската премиера, на 33-то издание на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија од 15 до 30 август. „Синеквест“ е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. 

Токму на „Синеквест“ пред три години „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата Најдобар филм и претставен како „филм што нема да го заборавите“.

Минатиот месец „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

„Кајмак“ е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите - од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис... Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Ја освои Специјалната награда на жирито на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија.

Минатата година „Кајмак“ беше најгледан филм во земјава. 

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски.

Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска.

Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Иан Прајор. мд/са/

Остани поврзан