• недела, 22 декември 2024

Санкции за оние кои даваат погрешни информации на епидемиолошките прашалници, бара Филипче

Санкции за оние кои даваат погрешни информации на епидемиолошките прашалници, бара Филипче
Скопје, 18 јуни 2020 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче вечерва нагласи дека треба да има санкции за лицата кои на епидемиолошките прашалници даваат погрешни информации. - Апсолутно мислам дека треба да се санкционираат, затоа што е сериозно загрозување на јавното здравје. Недозволиво е да се организира собир, а притоа да не се кажуваат контактите. Со санкционирањето да докажеме дека ова е сериозна работа, дека станува збор за заштита на јавното здравје, со превентивните мерки секој од нас се штити и индивидуално, рече Филипче на вечерашноот гостување на ТВ 21. Тој вели дека во огромен број случаи граѓаните даваат податоци и во однос на контактите и во однос на тоа каде се случил собирот и на некој начин признаваат дека сепак не се придржувале до препораките и правилата кои преку Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ги носи Владата. - Но има има и голем број граѓани кои не соработуваат. На терен со проблеми се соочуваат епидемиолозите. Прават интервју на заразен, и за контактите кои ги имал заразениот ниту дава точно име и презиме, ниту точен телефонски број ниту пак точна адреса, и на тој начин сме оневозможени да стигнеме до вистинските контакти, оние кои можат да се носители на вирусот и во овој момент ја шират болеста и тоа е сериозен проблем, потенцира Филипче. Според него, ситуацијата не е хаотична, имаат целосна контрола на бројот на слободни кревети и на бројот на лекари и медицински сестри кои работат со заболените. Прашан во однос на заболениот медицински персонал, Филипче вели дека огромен процент од нив се заразиле надвор од работните места или за време на контактите меѓу вработените на работното место. - Доказ за тоа е Инфективната клиника каде се лекуваат најмногу пациенти. Сега има близу 100 пациенти кои се хоспитализирани на клиниката, уште 4, 5 пациенти во монтажната болница што профункционира вчера. Тука има посебен тим лекари и медицински сестри и практично нема заразен лекар, а тоа се лекари и сестри кои работат од самиот почеток со пациентите болни од Ковид-19. Значи со доследно придржување до употреба на заштитните материјали апсолутно секој може да се заштити, смета Филипче. Тој упати апел до граѓаните дека со одговороното однесување ќе им помогнат и на лекарите и на медицинските сестри. Ова, вели тој, не е борба што можеме самите да ја добиеме. мс/са/

Остани поврзан