• петок, 05 декември 2025

Само за викендот преку ГП „Блато“ кај Дебар минале 13 603 патници

Само за викендот преку ГП „Блато“ кај Дебар минале 13 603 патници

Дебар, 4 август 2025 (МИА) – Продолжува рекордната фреквенција на патници на граничниот премин „Блато“ на македонско - албанската граница кај Дебар, што го потврдува и официјалната полициската статистика.

-Само за викендот, односно втори и трети август, преку преминот минале вкупно 13 603 патници, од нив 4 562 македонски и 9 041 странски државјани. Гледано одделно, на втори август 998 наши државјани биле евидентирани на влез, додека на излез 1 473, а следниот ден 949 на влез, односно 1 142 на излез, рече за МИА Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Охрид.

Според него, од вкупната бројка странски државјани (9 041) на втори август на влез се евидентирани 2 055, додека на излез 2 704. Вчера, пак, на влез имало 2 374, а на излез 1 098 странски државјани.

Поголемиот дел од патниците се оние кои го избираат албанското крајбрежје за своите летни одмори, но и оние кои доаѓаат во нашата земја на еднодневен или повеќедневен одмор.

-Од страна на МВР се преземаат сите мерки и во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, се разбира со спроведување на задолжителните гранични проверки. Поради зголемената фреквенција на патници и возила, а во интерес на патниците, од неодамна функционираат четири контролни шалтери, со цел да се олесни протокот, додава Димоски.

Зголемување на фреквенцијата, на овој премин, се бележи по изградбата на автопатот „Патот на Арбр“ поради намалената оддалеченост, на само 70 километри, од преминот до Тирана.

Посебно од средината на март годинава, кога беше пуштен за сообраќај тунелот Муриз, од кога од Дебар до Тирана се стигнува за еден час, а многу поблиску е и летувалиштето Шенѓин, каде песочните плажи и климата се идентични со оние во црногорското летувалиште Улцињ. вт/мд/

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан