• сабота, 23 ноември 2024

„Самоспознавање“ изложба на скулптури на професорот Слободан Милошески во Загреб

„Самоспознавање“ изложба на скулптури на професорот Слободан Милошески во Загреб
Скопје, 23 август 2022 (МИА) - Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб вечер ќе биде отворена изложбата „Самоспознавање“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 10 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба пишува дека авторот Слободан Милошески е претставник на постмодерниот дискурс во скулптурата. Тој изведува скулптура која предизвикува голема визуелна атрактивност, скулптурата со мазна полирана текстура во флуидни облици. Овие визуелни ефекти првенствено се врзуваат со имплементирањето на минималистичкиот концепт кој доминира во последните фази на авторот, период од неговото творештво кој се занимава со симболичките форми и нивните значења. Тие, наведува Бектовиќ, ни праќаат евидентна порака дека овој приод во имплементацијата на уметничките идеи овозможува проширување на апстрактните идеи во свој сопствен реалитет на самоспознавање, со елиминација на миметичките претстави на реалноста. -Клучните елементи на уметничкото дело, просторот и волуменот, ја наоѓаат својата рамнотежа и динамика во постојаната игра на наизменични динамични, едноставни форми, лансирани во вселената со сета тежина на тешко моделираниот метал. Трансформацијата на металот во уметничко дело, со најдобра примена на конструктивните вештини, во металните скулптури на Слободан Милошески ја демистифицира семиолошката структура на уметничкото дело, посочува Бектовиќ. Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедра „Скулптура“. До сега има реализирано 28 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 80 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година, наградата за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година, нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје. Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Загребската публика ќе има прилика да ја посети изложбата „Самоспознавање“ во КИЦ на Северна Македонија во Загреб до 30 август. ев/мд/

Остани поврзан