• понеделник, 23 декември 2024

Саем на книга од 18 до 24 април - фелоушип програма, програми за деца и над 30 промоции

Саем на книга од 18 до 24 април - фелоушип програма, програми за деца и над 30 промоции

Скопје, 16 април 2024 (МИА) – Со повеќе од 30 промотивни настани, од 18 до 24 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 36. издание на Саемот на книга. Слоганот е „Приказна се чита“, чија што цел е да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем на денешниот брифинг со новинарите, најави дека саемот ќе биде отворен за посетители во 10 часот, а во 13 часот ќе биде официјалното отворање, при што обраќање ќе има министерката за култура, со оглед на тоа што Министерството за култура е покровител, а Саемот на книга е прогласен за проект од национален интерес во културата.

-Седум дена ќе бидат отворени вратите за читателите на годинашниот Саемна книга. Како еден од новите изложувачи кој што е најавен и ќе биде присутен е Гете Институтот и амбасадорката на Република Сојузна Германија, која исто така ќе присуствува на официјалниот дел на отворањето. Програмата е богата, рече Глигоровска.

Оваа година, како што рече, Саемот на книга има и општествено одговорна компонента. Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април - Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје - средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy - изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.

- Се обидуваме фокусот на младите, кој што е ориентиран на социјалните мрежи, да го насочиме кон вистинското читање и на тој начин да го доближиме Саемот на книга до помладата популација. Затоа, овој слоган претставува еден вид спојување на социјалните медиуми и фокусот кон вистинското читање и вистинските книги, додаде Глигоровска.

Претседателот на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ), Бојан Саздов на денешниот брифинг  информираше дека годинава во рамки на Саемот на книга е додадена и професионална програма, Фелоушип програма, по примерот на сите поголеми светски саеми.

-Идејата беше Саемот да добие една поинаква димензија и преку отворен конкурс, кој беше проследен до сите регионални и европски издавачи и асоциации, да бидат поканети професионалци од областа, кои ќе дојдат во нашата држава и ќе се запознаат со современите текови во нашата книжевност, со нашето издаваштво, да се вмрежат подобро, да се запознаат со издавачите, со цел и со намера да имаме и подобар пласман на нашата книжевност во странство, рече Саздов.

Оваа година, како што најави, ќе дојдат пет гости - книжевен агент од Франција, но и претставници од Словенија, Грција, БиХ и од Црна Гора.

-Сите гости ќе пристигнат на 17 април, а ќе бидат тука до 20 април. Централниот настан ќе биде на Саемот, при што ќе има една панел дискусија на тема, на која што ќе бидат поканети и овие гости. Се надеваме Саемот да добие и професионална димензија во иднина, рече Саздов.

Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката.

-И оваа година имаме богата програма на настани, промоции и дружби со автори кои ќе се случуваат во промотивниот центар како главна бина, во текот на шест саемски денови. Последниот ден нема да има промоции. Ќе се случат околу 30 настани, меѓу кои и доделување на наградите од Асоцијацијата на издавачи и секако фелоушип програмата, рече оперативниот директор на Саемот на книга Сања Кондарко.

Таа напомена дека во рамки на програмата, фокусот нема да биде ставен само на продажба на книгите, туку и на доближување на авторите, дружба, интеракција со читателите.

- Годинава фокусот ќе биде на детската програма. Ќе има посебен дел детска програма, со маскоти, што ќе се одржува во викенд деновите на Саемот. Учениците и оваа година ги очекуваме во голем број, додаде Кондарко.

Работното време на Саемот на книга ќе биде од 10 до 20 часот. бт/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан