Саем на автохтони сорти „Везенка“ во кумановското село Пчиња
- Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ од кумановското село Пчиња втора година по ред го организира Саемот на автохтони сорти - „Везенка“, информираа денеска од здружението. Оттаму ги покануваат граѓаните да присуствуваат на саемот кој ќе се одржи на 5 октомври годинава (недела) со почеток во 11 часот. На саемот, како што наведуваато од здружението, граѓаните ќе можат да се снабдат со свежи и преработени производи од локалните стари сорти, но и вкусови што враќаат во детството.
Куманово, 3 октомври 2025 (МИА) - Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ од кумановското село Пчиња втора година по ред го организира Саемот на автохтони сорти - „Везенка“, информираа денеска од здружението. Оттаму ги покануваат граѓаните да присуствуваат на саемот кој ќе се одржи на 5 октомври годинава (недела) со почеток во 11 часот. На саемот, како што наведуваато од здружението, граѓаните ќе можат да се снабдат со свежи и преработени производи од локалните стари сорти, но и вкусови што враќаат во детството.

- Целта ни е да ги заштитиме и промовираме старите локални семиња и сорти, коишто полека ја „губат битката“ под напливот на хибридните. Исто така, ќе имате можност да дегустирате месни преработки на мал локален производител, но и пити и зелници кои за вас ќе ги подготват жените од село Пчиња, а љубителите на медот ќе уживаат во пчињски органски мед. Многу сме горди на жените од Пчиња кои доброволно учествуваат во подготовката на локалните зимници и пити со поддршка на Еко Пчиња и „Let’s Spread Love“, а средствата од нивната продажба ќе бидат насочени во хуманитарни цели, велат од здружението.
Воедно, ќе се организира и работилница за дечиња на самата локација а љубителите на пешачење ќе може да се прошетаат до познатата Бислимска Клисура.

- Ве чекаме во недела во село Пчиња на убава дружба и активен викенд исполнет природни домашни вкусови. Придружете нѝ се и поддржете ги малите локални производители и хуманата мисија на нашите мештани, додаваат од здружението.
Настанот ќе се одржи пред инфоцентарот, каде што има можност за паркинг. Саемот на автохтони сорти „Везенка“ е финансиран од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а за негова реализација е задолжено Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“. ам/дма/
Фото: „Еко Пчиња“ 2024