• четврток, 19 декември 2024

САД: Ќе најдеме начин да го предупредиме Израел дека офанзивата на Рафа би била грешка

САД: Ќе најдеме начин да го предупредиме Израел дека офанзивата на Рафа би била грешка

Вашингтон, 25 март 2024 (МИА) - САД денеска најавија дека ќе најдат начин да го предупредат Израел да не започнува офанзива врз градот Рафа, откако израелска делегација ја откажа посетата на Вашингтон поради усвојувањето на резолуцијата на ОН со која се бара итен прекин на огнот во Појасот Газа.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека САД „веруваат дека тој вид инвазија од големи размери би била грешка“ и додаде дека државниот секретар Ентони Блинкен ќе разговара за ова прашање со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој е во посебна посета на Вашингтон.

„Сигурен сум дека ќе најдеме други начини да ја изразиме нашата загриженост (на Израел)“, им рече Милер на новинарите.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја откажа посетата на висока делегација на Вашингтон во знак на протест поради денешната одлука на Советот за безбедност на ОН да повика на итен прекин на огнот во Појасот Газа. За таа резолуција гласаа 14 од 15 членки на Советот за безбедност на ОН, а САД беа воздржани, не искористувајќи го правото на вето, како што беше случај во претходни слични ситуации.

Израелската делегација требаше да им ги претстави на официјалните лица на Белата куќа плановите за очекувана копнена инвазија на Рафа, стратешки важен град во Појасот Газа каде што повеќе од милион палестински цивили се засолнија од војната. ссм/

фото: архива

Остани поврзан