• петок, 22 ноември 2024

САД ја повикуваат Русија веднаш да ги запре депортациите од Украина

САД ја повикуваат Русија веднаш да ги запре депортациите од Украина
Вашингтон, 13 јули 2022 (МИА) - Соединетите Американски Држави ја повикаа Русија веднаш да ги пушти Украинците што ги избркала од нивната татковина и да дозволи надворешни набљудувачи, повикувајќи се на извештаи дека Москва дава украински деца на посвојување и дека илјадници „исчезнуваат“. „Незаконското пренесување и депортирање заштитени лица е сериозно кршење на четвртата Женевска конвенција за заштита на цивили и е воено злосторство“, рече денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Тој додаде дека извештаите покажуваат дека Москва „намерно ги одвојува руските деца од нивните родители и зема други од домови пред да ги даде на посвојување во Русија“ и дека „илјадници цивили кои не поминуваат низ процесот на филтрирање исто така се приведени или исчезнати“.
Украинските власти ја обвинија Русија дека депортирала стотици илјади луѓе од областите во Украина под руска окупација, принудувајќи ги на т.н. „филтрациски кампови“ и повикаа помош од Црвениот крст.
Од почетокот на инвазијата на 24 февруари, Москва негираше дека намерно гаѓа цивили во, како што ја нарекува, специјалната воена операција, и вели дека нуди хуманитарна помош за оние кои сакаат да ја напуштат земјата.
„Проценките од различни извори, вклучително и руската влада, покажуваат дека руските власти испрашувале, притвориле и насилно депортирале меѓу 900.000 и 1,6 милиони украински граѓани, вклучително и 260.000 деца, од нивните домови во Русија - често во
изолирани области на Далечниот исток“, рече Блинкен во пресрет на конференцијата закажана за четврток на која ќе се разговара за „одговорноста“ во тековниот конфликт.
Женевските конвенции од 1949 година, кои ги дефинираат меѓународните правни стандарди за хуманитарно постапување во конфликти, забрануваат масовни принудни трансфери на цивили за време на конфликти на територијата на окупаторската сила, квалификувајќи ги како воено злосторство. паг/    

Остани поврзан