• понеделник, 25 ноември 2024

САД ја блокираа изјавата во СБ на ОН со која Израел се обвинува за смртта на Палестинците во Газа

САД ја блокираа изјавата во СБ на ОН со која Израел се обвинува за смртта на Палестинците во Газа

Њујорк, 1 март 2024 (МИА) – САД ноќеска ја блокираа изјавата на Советот за безбедност на ОН, предложена од Алжир и поддржана од арапските земји, со која се посочува дека израелските сили се одговорни  за отворање оган врз Палестинците кои чекале да им се достави храна и друга хуманитарна помош во близина на градот Газа и за убиство на повеќе од 100 луѓе.

Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, по вонредната затворена седница на Советот за безбедност на ОН изјави дека 14 од 15 членки на Советот за безбедност ја поддржале изјавата, пренесуваат американските медиуми.

САД не ја поддржаа изјавата, а заменик американскиот амбасадор во ОН, Роберт Вуд, запрашан зошто САД донеле таква одлука, одговори дека не се познати сите факти за инцидентот.

Вуд додаде дека има спротивставени извештаи и дека САД се обидуваат да ги соберат сите факти, вклучително и „околностите околу тоа како загинале луѓето“.

Според него, дипломатите работат „за да видат дали може да се најде нешто за што сите можат да се согласат“.

Канцеларијата за медиуми на Палестинската управа во Газа, што е под контрола на Хамас, вчера објави дека 112 Палестинци загинале, а 700 други се ранети во израелските воени напади додека чекале камиони со помош во градот Газа. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан