• сабота, 21 декември 2024

САД со предупредување до Кина да не ја зазема страната на Русија во однос на Украина

САД со предупредување до Кина да не ја зазема страната на Русија во однос на Украина
Вашингтон, 15 јуни 2022 (МИА) - САД денеска ја повикаа Кина да престане да ја поддржува руската инвазија на Украина за да не се стави на „лошата страна на историјата“. Пораката од САД дојде по телефонскиот разговор меѓу кинескиот и рускиот претседател Си Џинпинг и Владимир Путин. - Загрижени сме што Кина ја зазема страната на Русија, рече портпаролот на американското Министерство за надворешни работи како реакција на повикот меѓу двајцата претседатели за време на кој Пекинг ја увери Москва за нејзината поддршка во однос на „суверенитет“ и „безбедност“. Портпаролот посочи дека поминале повеќе од три месеци од руската „брутална инвазија“ на Украина, а Кина се уште е со Русија, продолжува да шири руска пропаганда низ светот, продолжува да ја штити Русија во меѓународните организации, со што не ги исполнува своите обврски како постојан член на Советот за безбедност на ОН. - Таа продолжува да го негира постоењето на злосторства извршени од Русија во Украина, напротив, сугерирајќи дека тоа е инсценирано, рече портпаролот. - Земјите кои ја избираат страната на Владимир Путин неизбежно се ставаат на лошата страна на историјата. Дојде време светските лидери јасно да ја осудат флагрантната агресија на претседателот Путин и да ги поддржат Украинците, додаде портпаролот на Стејт департментот. Тој повторно ја предупреди Кина да не ѝ дава каква било „воена помош“ на Русија или против каква било „систематска поддршка за да се избегнат санкциите“ кои и се наметнати од западните земји. ссм/

Остани поврзан