• петок, 22 ноември 2024

САД и Украина потпишаа долгорочен безбедносен договор на Г7 (ДПЛ)

САД и Украина потпишаа долгорочен безбедносен договор на Г7 (ДПЛ)

Бари, 13 јуни 2024 (МИА) - Претседателите на Соединетите Американски Држави и Украина денеска потпишаа договор со кој се утврдуваат долгорочните безбедносни односи на Вашингтон со Киев на маргините на Г7 што се одржува во јужна Италија, јави ДПА.

Американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпишаа билатералниот договор што доаѓа откако 15 земји склучија слични долгорочни безбедносни договори со Киев, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија.

Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан, вчера рече дека договорот нема да ја вклучи обврската за Вашингтон да распореди американски војници во Украина, ниту ќе содржи обврски за снабдување специфични системи за оружје.

Договорот нашироко ја регулира соработката меѓу двете земји на сите можни нивоа, вклучително и во однос на воената опрема, обука и маневри.

Во исто време, Украина е повикана да спроведе различни реформи во областа на правдата, спроведувањето на законот и борбата против корупцијата, но и во воените капацитети и структури за да ги постигне стандардите на НАТО во иднина, наведува ДПА.

Како што се очекуваше, договорот не содржи никакви обврски за распоредување на американските вооружени сили за одбрана на Украина. Бајден секогаш категорично го отфрлаше тоа - и покрај неодамнешните апели од францускиот претседател Емануел Макрон да испрати таму воени обучувачи, забележува германската агенција.

Вашингтон вели дека целта е повеќе да и се овозможи на Украина да продолжи да се брани. Договорот, исто така, не ветува дека ќе обезбеди специфични системи за оружје.

Американската влада го протолкува договорот со Киев како порака до Москва, особено дека е посветена на континуирана и подолгорочна поддршка за Украина.

Русија ја нападна Украина на крајот на февруари 2022 година и оттогаш води голема агресивна војна против соседната земја.

САД се најважниот сојузник на Киев во одбранбената кампања. Двете страни веќе извесно време преговараа за билатералниот безбедносен договор.

Претходно, самитот во јужна Италија започна со договор за заеми на Украина во вредност од 50 милијарди долари со користење на пари генерирани од замрзнати руски средства, како голема поддршка за Киев.

Лидерите на Г7 рекоа дека е постигнат договор за големиот пакет заеми. Киев треба да ги искористи парите за да ја зајакне својата одбрана, да плати за реконструкција на инфраструктурата и да го финансира државниот буџет. мс/

фото: ДПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан