• петок, 22 ноември 2024

САД ги осудија кибер нападите во Европа, ја обвинија Русија

САД ги осудија кибер нападите во Европа, ја обвинија Русија

Вашингтон, 3 мај 2024 (МИА) – Американскиот Стејт департмент денеска ја осуди неодамнешната кампања на кибер напади во Европа и ја обвини Русија, како што веќе направија германската и чешката влада.

- САД силно ги осудуваат злонамерните кибер активности на руските воени разузнавачки служби против Германија, Чешка, Литванија, Полска, Словачка и Шведска, се вели во соопштението на портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Нападот, според Вашингтон, го извршила хакерска група позната како AПT28, „познат опасен актер со долга историја на злонамерни, штетни, дестабилизирачки и нарушувачки практики“.

Стејт департментот потсети дека воведе санкции за одредени „актери“ поради активностите на таа група за време на претседателските избори во САД во 2016 година и активностите против Светската антидопинг агенција (ВАДА).

Во случајот со кибер нападите во Европа, американските власти соработуваа со Германија за да ги блокираат рутерите што ги користеа напаѓачите, се вели во соопштението за печатот.

Германија и Чешка денеска ја обвинија групата руски хакери под контрола на Москва за неодамнешна кампања за кибер напади во нивните земји.

ЕУ вети цврст одговор на тоа „злонамерно однесување“. јт/

Остани поврзан