• петок, 22 ноември 2024

Сè уште нема спогодби и исплата на надоместок на штета за граѓани повредени од бездомни кучиња

Сè уште нема спогодби и исплата на надоместок на штета за граѓани повредени од бездомни кучиња

Тетово, 1 февруари 2023 (МИА) - Општина Тетово сè уште нема исплатено надоместок на штета од каснување од бездомни кучиња по оформениот правилник и можноста за спогодба со граѓаните. 

Овој правилник е во сила уште од октомври, кога беше изгласан од страна на Советот и објавен со службеното гласило на општината, но граѓаните дознаа дури во средината на јануари кога беше поставен и на интернет страницата на локалната самоуправа.

Во меѓувреме, низ градот насекаде можат да се забележат кучињата скитници, а секојдневни се пријавите во СВР Тетово од страна на граѓаните дека биле повредени поради овие животни без дом и сопственик.  Во билтените на СВР Тетово минатата недела буквално секој ден беа евидентирани пријавени напади и повреди поради каснувања од кучиња скитници.

По објавениот правилник, од Општина Тетово побаравме да објаснат како оди можноста за спогодба со повредените граѓани. Колку од нив се пријавиле, колку поени добиле според правилникот и колку изнесува одобрениот надоместок за штета согласно правилникот.

-Бројот на добиени барања од граѓани согласно Правилник за утврдување на висина и исплата на надоместок за штета од каснување од бездомни кучиња изнесува триесет и осум. Повеќето од нив се од 2022 година. Барањата сè уште се разгледуваат и постапката е во тек, се вели во одговорот добиен од Канцеларијата за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово.

Секој граѓанин, кој ќе биде повреден од бездомно куче, ќе добие предлог за спогодба и можност за надоместок од 30 до 100 илјади денари, во зависност од тоа колку ќе определи соодветна пет члена комисија за постапување по барање за надоместок на штета, предизвикана од каснување од бездомни кучиња на подрачје на општината.

Има критериуми за утврдување на надоместокот по кои ќе се раководи Комисијата, при што материјалната и нематеријлната штета за повредени се проценува врз основа на видот на каснување - пет, 10 или 15 поени, бројот на каснување, степен на претрпен страв, возраст и последици кои настанале од каснување - а-награденост и б-нарушување на психичката состојба од претрпениот страв. Врз основа на критериумите и поените, надоместокот може да биде од минимални 30 илјади денари, до максимални 100 илјади денари.  До барателот се доставува спогодба со која се предлага висината на надоместокот на штетата, која може да ја прифати или одбие.

Повредените лица треба да достават медицинска документација од здравствена установа за третирање на повредата настаната од каснување од бездомно куче, потврда од МВР, записник од Општински инспекторат, фотографија и изјава од сведоци ако има, копија од фискална сметка за трошоците направени во врска со настанот и копија од трансакциска сметка на барателот. ас/бд/

Остани поврзан