• понеделник, 23 декември 2024

Руте во Приштина: ЕУ не треба да го вперува прстот во „виновникот“ во косовско-српскиот спор

Руте во Приштина: ЕУ не треба да го вперува прстот во „виновникот“ во косовско-српскиот спор

Приштина, 4 јули 2023 (МИА) – Премиерот на Холандија, Марк Руте, кој заедно со неговиот луксембуршки колега, Ксавиер Бетел, престојува денеска во Косово, изјави дека неговата држава ги поддржува Косово и Србија на патот на дијалогот со цел нормализирање на односите меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите по средбата со косовскиот премиер, Албин Курти, Руте рече дека намалувањето на тензиите во областите во северно Косово, населени со мнозинско српско население, е значајно не само за мирот во регионот, туку и за просперитетот на Косово и Србија кон интеграциите во Европската унија.

- Денеска ја изразивме нашата загриженост поради растот на тензиите меѓу Косово и Србија. Холандија и Луксембург настојуваат да ја нормализираат и да ја деескализираат ситуацијата во правец на водење дијалог, да ги нормализираат односите меѓу двете држави. Верувам дека ова е значајно не само за мирот во регионот, туку и за просперитетот кон интеграциите во ЕУ, рече Руте.

Според холандскиот, вперувањето со прст од страна на Брисел кон „виновникот“ во актуелниот спор меѓу Приштина и Белград нема да помогне за смирување на состојбите.

- Не знам дали треба да го вперуваме прстот кон виновникот, кон Косово или на Србија, затоа што тоа не помага во ситуацијава. Ние сакаме да бидеме од помош. Во моментот кога ЕУ поаѓа да го бара виновникот и да го вперува прстот, додека обете страни велат дека се во право, ја губиме позицијата, рече Руте.

Премиерите на Холандија и Луксембург допатуваа во Приштина од Белград, каде што вчера се сретнаа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Нивната посета на двете земји, како што изјавија синоќа по средбата со Вучиќ, е со цел да придонесат за смирување на тензиите и нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград.

Пред да се сретнат со Курти, Руте и Ксавиер беа примени од претседатгелката на Косово, Вјоса Османи.иа/сд/

Остани поврзан