• недела, 22 декември 2024

Рускиот парламент ги прошири критериумите за прогласување на организации за непожелни

Рускиот парламент ги прошири критериумите за прогласување на организации за непожелни

Москва, 23 јули 2024 (МИА) – Долниот дом на рускиот парламент денеска одобри закон со кој се прошируваат критериумите за прогласување на организации финансирани од странски државни органи за непожелни, со што се блокира нивната понатамошна работа.

Законот денеска го помина последното читање во Думата и по одлуката во Горниот дом треба да биде ратификуван од претседателот на Русија, Владимир Путин.

Мерката додава критериум на постојниот закон од 2015 година дека организацијата може да се прогласи за непожелна доколку е основана или учествува во странски владини тела.

Оригиналниот закон беше усвоен во 2015 година, но неговата употреба нагло се зголеми откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година и почна да се бори против критичарите на нејзината војска и држава.

Повеќе од 175 организации сега се на црната листа, вклучително и онлајн весникот на англиски јазик „Москва тајмс“, „Карнеги донација за меѓународен мир“ и „Гринпис интернешнел“, заедно со помалку познати групи.

Критериумите за прогласување за непожелни се широки и нивна цел се организации кои се сметаат за закана за Русија, пренесе Бета.

Русија, исто така, има посебен закон според кој организациите кои добиваат странски средства можат да бидат означени како „странски агенти“ и мора да го објават тој статус на нивните материјали. Според аналитичарите, целта е да се поткопа довербата во овие организации. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан