Русија и Иран нема да добијат покани за Минхенската безбедносна конференција, најави претседавачот на форумот
- Владите на Русија и Иран нема да добијат покани за конференцијата, која ќе трае од 16 до 18 февруари и ќе вклучува околу 50 државни лидери и речиси 100 министри за надворешни работи.
Минхен, 3 февруари 2024 (МИА) - На овогодинешната Минхенска безбедносна конференција нема да бидат примени неколку странски лидери, како и претставници на некои германски партии, изјави претседавачот на форумот, јави ДПА.
Владите на Русија и Иран нема да добијат покани за конференцијата, која ќе трае од 16 до 18 февруари и ќе вклучува околу 50 државни лидери и речиси 100 министри за надворешни работи.
Предметниот форум се одржува секоја година и е независен состанок на различни земји на кој се разговара за безбедносни прашања и се носат одлуки за сегашните и идните предизвици, забележува ДПА. Во консултациите најчесто учествуваат шефови на држави, влади, меѓународни организации, пратеници и високи претставници на одбранбените структури.
-Пред неколку дена рускиот претседател рече дека би бил многу среќен да преговара, но не со оваа украинска влада. Со други зборови, нема сериозна волја за преговори. Затоа изјавивме дека нема да ја поканиме руската влада, туку ќе упатиме покани до Русите од невладините организации и до политичарите кои живеат во егзил, рече претседавачот на конференцијата Кристоф Хојсген.
Хојсген го стори истото минатата година, кога се одржа првата Минхенска безбедносна конференција по почетокот на целосната руска инвазија на Украина.
-Во случајот со Иран, слушаме од германската влада и од Американците дека нема интерес за преговори. Во сегашната состојба, ние покануваме само Иранци од невладини организации, рече претседавачот на форумот.
Тој додаде дека некои германски политички партии исто така нема да присуствуваат, посочувајќи на екстремно десничарската „Алтернатива за Германија“, која исто така не беше примена на минатогодишната конференција. мс/
фото: МИА архива