• петок, 10 јануари 2025

Росоман доби грант за објект детска градинка во село Сирково 

Росоман доби грант за објект детска градинка во село Сирково 

Росоман, 9 јануари 2025 (МИА) - Општина Росоман доби грант за објект детска градинка во село Сирково, информираше денеска росоманскиот градоначалник Стојан Николов.  

- Општина Росоман  преку проектот на Министерството за труд и социјална политика - за подобрување на социјалните услуги, обезбеди грант за проширување на капацитети на установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, средства за целосна реконструкција на објект во село Сирково, што ќе биде пренаменет и адаптиран во детска градинка. Со тоа обезбедуваме место за престој, воспитување и социјализација на најмладата популација во нашата општина, соопшти Николов. 
 
Тој нагласи дека ова претставува грижа за идните генерации, кои, како што истакна,  во иднина претставуваат значаен ресурс за развој на општината.

Николов појасни дека добиле известување по однос на доставената апликација на вториот јавен повик до општините и општините во градот Скопје, за доделување на грант за проширување на капацитети на установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. 

-Апликацијата е одобрена и се преминува во следна фаза. Министерството за социјална политика, демографија и млади, ќе ангажира компанија за изработка на проекти, врз основа на кои ќе се подготват договори за грант кои ќе се потпишат од Општината и од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, се вели во известувањето од Министерството. свд/мд/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан