• петок, 05 декември 2025

Рома го обвини Ѕаниоло дека претепал двајца младински репрезентативци

Рома го обвини Ѕаниоло дека претепал двајца младински репрезентативци

Рим, 27 мај 2025 (МИА) - Рома пријави инцидент во кој е вмешан играчот од средниот ред на Фиорентина, Николо Ѕаниоло по натпреварот на тимовите во полуфиналето од плејофот на италијанската младинска лига.

Дваесет и петгодишниот фудбалер го следеше натпреварот од трибините, поддржувајќи ги „виолетовите“. По натпреварот тој влегол во  соблекувалната на Рома и имал конфликт со неколку играчи.

- Според првичната верзија на Рома, Ѕаниоло влегол во соблекувалната на младинската екипа по натпреварот и покажал провокативно однесување кон некои играчи, а двајца фудбалери биле физички нападнати, се вели во соопштението на Рома.

Римскиот клуб ја осудува секоја форма на агресивно однесување што не одговара на спортските вредности.

Ѕаниоло игра за Фиорентина од февруари 2025 година како позајмен од Галатасарај. Играчот од средниот ред играше и за Рома во периодот од 2018 до 2023 година. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан