Романски суд: Двајца осомничени за велепредавство остануваат во притвор
- Групата, наречена „Команда Влад Цепеш“, функционирала по модел на воена структура. Како осомничен е споменат и генерал-мајор во пензија Раду Теодору. Членовите на групата, според обвинителите, одржувале контакти со странски агенти во Романија и Русија и договарале излегување на земјата од НАТО, уривање на уставниот поредок, распуштање на политичките партии и формирање нова влада.

Букурешт, 7 март 2025 (МИА) - Двајца од шестмината уапсени во Романија под сомнение за велепредавство и организирање криминална група остануваат во притвор 30 дена, одлучи Апелацискиот суд во Букурешт, јавува телевизијата Диџи 24. Останатите четворица ќе бидат под судска контрола.
Во притвор остануваат Адриан-Робертин Дину и Мариус Семењук.
Шестмината осомничени беа уапсени под сомнение дека формирале група со цел „поткопување на суверенитетот и независноста на Романија, преку нарушување на политичката и одбранбената способност на државата“.
Групата, наречена „Команда Влад Цепеш“, функционирала по модел на воена структура. Како осомничен е споменат и генерал-мајор во пензија Раду Теодору. Членовите на групата, според обвинителите, одржувале контакти со странски агенти во Романија и Русија и договарале излегување на земјата од НАТО, уривање на уставниот поредок, распуштање на политичките партии и формирање нова влада.
Романските власти тврдат дека во јануари двајца од обвинетите отпатувале во Москва за средби со лица подготвени да ги поддржат нивните планови.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Романија „ги префрла своите внатрешни проблеми врз Русија“. ссм/
фото: архива