Романот „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска објавен на англиски јазик
- Во издание на Кадмус Прес (Cadmus Press) и превод на Пол Филев денеска ќе биде објавен англискиот превод на „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска, писателка, театролог и редовна професорка н
Скопје, 5 септември 2022 (МИА) - Во издание на Кадмус Прес (Cadmus Press) и превод на Пол Филев денеска ќе биде објавен англискиот превод на „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска, писателка, театролог и редовна професорка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) – Скопје.
-Нејзиното книжевно деби „Јас и Лин, отпосле“, е антиновела, колаж составен од многу фрагменти, со вграден наратив, метафикција, автофикција, игриво дело со наклонетост кон магичниот реализам и детективска приказна. Ги сретнувате и Ана Каренина и Вронски, но и самиот Толстој. Прв пат се сретнува портретиран и хомосексуален карактер. Ова инвентивно дело прави комбинација меѓу сеќавањата на младата писателка, нараторка во романот, за љубовниот триаголник во кој се наоѓа и нејзиниот обид да го напише својот прв роман. Настаните од љубовниот триаголник се раскажуваат надвор од редоследот, оставајќи му на читателот повторно да ги состави како делови од сложувалка, додека приказната за романот на нараторката во понатамошниот тек се гради до интригантен и привлечен заклучок, стои во информацијата за објавата на делото.
Ана Стојаноска (1977, Прилеп) театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка е на третиот циклус докторски студии на ФДУ – Скопје.
Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија.
Авторка е на: Ние (роман, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман Пегаз), Лебед (роман, Полица, 2021), Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, (2013). Авторка на стотина студии и есеи објавувани во македонската и во странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезијата и прозата ѝ е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писателите на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и на театарот. лв/мд/