• петок, 22 ноември 2024

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски објавен на словенечки јазик

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски објавен на словенечки јазик

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски неодамна излезе на словенечки јазик во издание на издавачката куќа „Гога“. Преводот на изданието е на професорката на Катедрата за славистика на Филозофскиот факултет во Љубљана, Намита Субиото.

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје соопшти дека станува збор за ексклузивно издание во тврд повез, во едиција на издавачката куќа во која се објавуваат современи дела на голем број европски и словенечки автори.

- „Скриени желби, немирни патувања“ е роман за хаотичната сегашност, во кој приказните на педесет луѓе од различни географски координати се испреплетуваат со приказните на четири ликови кои живеат во Скопје. Врските и вкрстувањата меѓу ликовите во романот се појдовни точки за различните концептуални контрапункти, малите драматуршки пресврти и внимателно нијансираните поттексти. Некои од доминантните теми на современото општество се одразени во мноштвото приказни на романот: односот помеѓу реалното и виртуелното, изборот помеѓу успехот или личниот позив, деструктивните димензии на нашиот идентитет..., стои во соопштението.

Владимир Јанковски е роден во 1977 година во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено три романи: „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015) и „Вечно сегашно време“ (2010). За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на „Фондацијата Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. „Скриени желби, немирни патувања“ бил македонски кандидат за Наградата за литература на Европската унија за 2022 година.

Преведувачката Намита Субиото дипломирала македонски, хрватски и српски јазик на Катедрата за јазици на Филозофскиот факултет во Љубљана. Во 2001 година магистрирала на тема од областа на српскиот надреализам, а во 2004 докторирала на тема „Лингвостилистичките карактеристики во прозата на Ташко Георгиевски“. Од 2002 година предава македонски јазик и книжевност на Катедрата за славистика на Филозофскиот факултет во Љубљана. На македонски јазик превела дела од Блаже Конески, Славко Јаневски, Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Александар Прокопиев, Николина Андова-Шопова и други.

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ првпат беше објавен во 2020 година, а во 2021 година ја доби наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“. Следната година беше македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија. Досега е преведен на српски, албански и словенечки јазик, а наскоро се очекуваат и изданијата на чешки, хрватски и бугарски јазик.мд/са/

Фото: Издавачка куќа „Антолог“ од Скопје

 

 

 

 

 

Остани поврзан