Романот „Исповед“ од Жауме Кабре објавен на македонски јазик
- Историскиот роман „Исповед“ од современиот каталонски писател Жауме Кабре излезе од печат во издание на „Бата прес“. Капиталното дело (766 страници) го преведе Маргарита Маленкова, а објавува
Скопје, 15 октомври 2021 (МИА) - Историскиот роман „Исповед“ од современиот каталонски писател Жауме Кабре излезе од печат во издание на „Бата прес“. Капиталното дело (766 страници) го преведе Маргарита Маленкова, а објавувањето е поддржано од каталонскиот институт „Рамон Лул“.
Романот „Исповед“ е фасцинантно дело на Кабре. Преведено е на повеќе од 20 јазици и има добиено повеќе каталонски и меѓународни награди.
-Испреплетувајќи разновидни интригантни стории во роман што посакувате да го прочитате во еден здив, Кабре се докажал како брилијантен раскажувач и го зацврсти своето место во врвот на современата европска книжевност. Станува збор за историски роман во кој познатиот каталонски автор во заднината на приказната за една стара, вредна виолина и љубовната сторија отворено го осудува прогонот и геноцидот на Евреите, нацизмот и фашизмот, но и диктатурата на шпанскиот генерал Франко, бележи книжевната критика.
Несудениот свештеник Феликс Ардевол ги користи своите врски во Ватикан за да стигне до вреден нацистички плен, виолината „Сториони“ направена во 1764 година. Многу години подоцна неговиот син Адрија се сеќава на темниот стан преполн со антиквитети во кој како дете, се криеше зад фотелјата обидувајќи се да ги сфати тајните на таткото. И по педесет години, го мачи вина затоа што виолината му ја позајми на својот пријател Бернат и така без да сака се случи фатален настан. Меѓутоа, скапоцениот инструмент не беше несреќа само за таткото и синот Ардевол – овој инструмент имаше многу возбудлива историја, а луѓето на кои им минал низ рацете, од барокниот композитор Жан Мари Леклер до виолинистката, Еврејката Берта, на различни начини станале заложници и жртви на судбината на виолината.
Кабре извонредно прикажува различни епохи и ликови, мајсторски преминувајќи од една во друга, пишува Гардијан
Жаумe Кабре (Jaume Cabré) е роден 1947 година во Барселона, а почнал да пишува додека студирал филологија на Универзитетот во Барселона. Првата збирка кратки раскази му е објавена во 1974 година. Објавил десетина романи меѓу кои се најпознати Гласовите на Памано (Les veus del Pamano, 2004), за кој ја доби наградата на каталонските критичари, а според тој роман е снимена и мини серија, и Исповед (Jo confesso, 2011). Познат е и по своите кратки раскази, а напишал и бројни телевизиски и филмски сценарија и драмски дела. Имал успешна кариера и како универзитетски професор по јазици и книжевност. вг/дма/