• четврток, 27 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Родовата платформа со осуда за нападите врз новинарките и пратеничката Петровска

Родовата платформа со осуда за нападите врз новинарките и пратеничката Петровска

Скопје, 28 февруари 2025 (МИА) - Родовата платформа изразува силна осуда на засилените мизогини напади врз жените во јавната сфера, кои поттикнуваат дискриминација и родово-базиран говор на омраза. Овие напади, според нив, се особено загрижувачки бидејќи доаѓаат од истакнати функционери и новинари, јавни личности со значајна моќ и одговорност. Тие ги осудија нападите врз новинарките на ИРЛ и Телма, како и врз пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.

Од Платформата за родова еднаквост најостро ги осудуваат нападите на Драган Павловиќ Латас врз новинарките на ИРЛ, Сашка Цветковска и Деница Чадиковска. Потоа, нападите врз новинарките Снежана Лупевска Созен и Марија Митевска, со цел да се дискредитира нивната работа на емисијата КОД, како и новинарката Рита Бехадини која беше изложена на повици за насилство и закани по живот преку лажен профил на социјалната мрежа Фејсбук, кои сè уште немаат судска разврска.

-Во ситуација кога сме соочени со опасното влијание на засилени антиродови движења кои што ги подриваат основните темели на човековите права и демократските институции, враќајќи ги жените во патријархалните опресивни и стереотипни матрици, ваквиот напад носи дополнителна тежина, и го интерпретираме како напад врз сите жени, велат оттаму.

Водно, од платформата ја осудуваат и изјавата на министерката Гордана Димитриеска Кочоска, која, како што наведуваат „употреби родово-базиран дискриминаторски говор насочен кон пратеничката Славјанка Петровска“.

- Изјавата на Димитриеска-Кочоска претставува уште една потврда за распространетоста и толеранцијата на родовата дискриминација која се практикува со цел да ги понижи жените, особено во јавната сфера. Како Родова платформа, ја осудуваме реториката на министерката која се обиде да ги сведе жените на нивната репродуктивна функција, да ги инструментализира за националистички, профитерски и патријархални цели, како и да ги дискредитира еднаквите можности, различноста и слободата помеѓу и на жените. Овој опасен наратив директно придонесува кон уназадување на позицијата на жените во општеството. Особено загрижува тоа што доаѓа директно од министерка и од законодавниот дом, место каде законите што се носат и реториките што се употребуваат влијаат на сите жени во ова општество, велат од Платформата.

Дополнуваат дека да се сведе улогата на една жена само на „мајка“, а притоа да не се адресираат и решаваат проблемите на жените кои се позасегнати од сиромаштијата, грижата за децата и старите лица, без родова и социјална инфраструктура, е крајно непочитување и игнорантски пристап. 

- Притоа, наративот на министерката директно влијае и на жените на јавни функции и нивното учество во политичкиот живот и во процесите на одлучување, односно го минимизира проблемот на и онака малото учество на жените во политиката. Во време кога се продлабочува сиромаштијата, користењето на вакви наративи, особено во законодавниот дом каде што нашите претставници треба да работат за наше добро, гледаме уште еден напад врз жените што покажува несолидарност, непочитување и игнорирање на проблемите коишто го тиштат граѓанинот и работниците, а преку манипулација на традиционалните стереотипи, постојните предрасуди и дополнително изложување на и онака ранливите граѓанки, дополнуваат оттаму.

Родовата платформа ја повикува јавноста да ги препознае и осуди ваквите обиди за дискредитација и загрозување на новинарките и жените, а од надлежните институции бара итна реакција и преземање мерки за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарките, како и соодветно казнување на родово-базираниот говор на омраза. ар/нд/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан