• сабота, 23 ноември 2024

Родители од ОУ „Браќа Миладиновци“ бараат решение за проблематичен ученик, директорката вели дека сите надлежни работат на случајот

Родители од ОУ „Браќа Миладиновци“ бараат решение за проблематичен ученик, директорката вели дека сите надлежни работат на случајот

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Родители од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје бараат да се реши проблемот со еден ученик кој, според нив, носи ладно оружје во училиште и ги малтретира останатите ученици. Директорката на училиштето во изјава за МИА вели дека се преземаат сите законски мерки и дека во целиот процес се вклучени наставниот кадар и стручната служба.

Таа истакнува дека во училиштето се превземаат сите законски мерки во врска со ученикот и засилено е вклучувањето на наставниот кадар, стручната служба и директорот во периодот кога тој е присутен на настава. Вклучени се и останатите институции (Општина Аеродром, Педагошката служба при МОН, МЦСР, МВР, ДПИ). 

-Во време кога се случи трагичниот настан во Белград сметам дека родителите треба да се воздржат од создавање на паника и да посветат поголемо внимание со своите деца. Стручната служба во училиштето во континуитет одржува работилница во врска со спречување на меѓуврсничкото насилство. Апелирам, родителите да го почитуваат куќниот ред и правилата во училиштето заради безбедност на учениците, вели директорката Анета Велкоска.

Родителите во писмо испратено до дел од медиумите апелираат да се реши проблемот. Тврдат дека се обратиле до Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Општина Аеродром и до социјалните служби, но дека од никаде немаат повратна информација. Според нив, ученикот носел нож во училиште и им се заканувал на учениците. 

- Бојкотиравме и настава, свикавме и итна родителска средба во присуство на директорката на училиштето, каде што ни вети некои санкции. Првата беше постојано присуство на часови од личност назначена од директорот – тоа не се случи, зголемено надгледување од страна на дежурни наставници пред нивната училница зборот не беше одржан. Во меѓувреме се случија и други насилства. Истото дете постојано го ремети наставниот процес. Беше поднесено барање до дирекцијата на училиштето, Општина Аеродром и МОН, Центарот за социјало, за преместување на ученикот во друго училиште, се наведува во писмото од родителите.

Директорката на училиштето апелираше до медиумите да се внимава при пренесувањето на вакви сензитивни информации бидејќи, како што вели, самиот наслов во објавите предизвикува вознемиреност, а за веродостојност на целата ситуација предлага во иднина медиумите да побараат информации и од училиштето. 

МИА побара одговор и од Министерството за образование и наука и од Општина Аеродром. Одговор добивме од Секторот за образование од Општина Аеродром од каде потврдуваат дека добиле поплака од родителите по што се обратиле до стручните служби на училиштето и оствариле состанок со директорката и стручните служби. 

- На состанокот од страна на училиштето било посочено дека се превземаат сите законски мерки и дека максимално се работи за подобрување на состојбата. Оттаму посочуваат дека дополнително секторот е во постојана  комуникација и со родителите преку советот на родители во училиштето со цел подобрување на образовниот процес. Општина Аеродром е во контакт со училиштето за овој случај, се вели во одговорот за МИА.

Од МОН во меѓувреме испратија соопштение во кое се наведува дека случувањата во нашето соседство вклучиле сериозен аларм дека институционалната, семејната и индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво. 

- Младите денес растат во поинакви околности за разлика од минатото. Новите времиња носат поволности, нови достапни можности, но и многу нови фактори кои негативно би можеле да се одразат на однесувањето на децата и да доведат до ситуации со несакани последици. Бројни законски решенија, проектни мерки и активности досега се спроведени во оваа насока. Континуирано се зајакнуваат стручните психолошко – педагошки служби во училиштата, се спроведува советување на ученици и на родители на ученици со проблеми во однесувањето од различна природа. Се имплементираат проекти за заштита од насилство заедно со општествено одговорни компании и со меѓународни организации, велат од МОН.

Додаваат дека е започнато со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата и дека за утре е најавена средба со универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, социологијата, безбедноста и сајбер насилството и други.

- Очекуваме поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, бизнис заедницата и меѓународните партнери, кои и досега имаат важен придонес во напорите за заштита на правата на децата, за заштита на физичкото и менталното здравје, спречувањето на врсничко и неврсничко насилство и така натаму, велат од МОН.

По завршување на средбата ќе бидат соопштени заклучоците, односно препораките кои ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен раст и развој на младите. бак/мс/

Остани поврзан