• понеделник, 23 декември 2024

Роберто Димитриевски прв на трката „23 Октомври“ на 5 километри, Дарио Ивановски победник на 10 километри

Роберто Димитриевски прв на трката „23 Октомври“ на 5 километри, Дарио Ивановски победник на 10 километри

Велес, 23 октомври 2024 (МИА) - Велешкиот атлетичар Роберто Димитриевски член на АК „Велес“ е прв на атлетската трка „23 Октомври“ на 5 километри, а Дарио Ивановски од АК „Скопски маратон“ е прв на 10 километри. Во женска конкуренција на 5 километри победи Гордана Илиевска, а на 10 километри Фросина Михајловска.

Трката се одржа по 9. пат по повод „23 Октомври“ - Ден на Македонската револуционерна борба. Учесниците трчаа на релација Парк Шума Гази Баба, пред црквата „Сретение Господово“ во населбата Железара каде што беше стартот и целта, а се трчаше по шума во природа и нерамен терен.

Втор на 5 километри беше Петре Завировски, а трет Бобан Попоски, кај жените на 5 километри втора е Ива Цекова, а трета Тања Вукобрат.

На трката на 10 километри мажи втор е Жан Тосев, а трет Атанас Анчевски. На 10 километри жени втора е Теа Божиновска, а трета Марија Пеликон.

Роберто Димитриевски за МИА изјави дека е пресреќен за победата и златниот пехар, , а уште повеќе што ја освојува на големиот македонска празник.

-Победата ја посветувам на сите наши дедовци и прадедоци Македонци кои се бореле и гинеле во македонската национална борба за да ја извојуваат нашата денешна слобода. Ние денешните потомци Македонци, денеска на овој празник им се поклонуваме на нивната жртва за Македонија. Нека им е вечна слава и благодарност. Победата на оваа трка „23 Октомври“ ја посветувам и на мојот дедо Диме Гајдов исто така спортист, фудбалер голман на ФК „Борец“ во Велес, кој е роден токму на денешен ден 23 октомври, истакна  Димитриевски.

Веднаш по победата попладнево продолжи со напорните тренинзи на патеката во Градскиот парк во Велес, а каде се подготвува за Атлетската трка во Кичево на 27 октомври, а потоа и за Белградската трка на 24 ноември и други трки кои се на календарот на трки до крајот на оваа година.

Трката ја организира Атлетскиот Клуб „23 Октомври“ од Скопје со подршка на Општина „Гази Баба“ Атлетската Федерација на Македонија и Агенцијата за млади и спорт.ад/ар

Фото: МИА

Остани поврзан