Ричлиев: Време е да се размислува за наследници на „спартанците“
- Најдобрите македонски одбојкари имаа одличен настап на Европското првенство. Остваривме две очекувани победи,едноставно играчите го дадоа својот максимум и постигнаа голем успех со влегувањето во осминафиналето.Сега е време да се размислува за наследници на нашите „спартанци“, како што ги нарекуваат многумина и се надевам дека во иднина стручниот штаб ќе им даде поголема шанса за докажување и на помладите играчи.
Струмица, 12 септември 2023 (МИА) - Најдобрите македонски одбојкари имаа одличен настап на Европското првенство. Остваривме две очекувани победи,едноставно играчите го дадоа својот максимум и постигнаа голем успех со влегувањето во осминафиналето. Сега е време да се размислува за наследници на нашите „спартанци“, како што ги нарекуваат многумина и се надевам дека во иднина стручниот штаб ќе им даде поголема шанса за докажување и на помладите играчи.
Ова е оценка на тренерот на повеќекратниот македонски одбојкарски шампион и освојувач на купот, Струмица Никоб, Кирил Ричлиев, поранешен селектор на младинската репрезентација и поранешен прв соработник на старо-новиот селектор, Јошко Миленковски.
Додава дека сега на потег е Одбојкарската федерација, која треба да направи план како по овој шампионат, односно како да се вложува повеќе во младите категории.
-Се надевам дека овој голем успех ќе придонесе за поголема анимација на одбојката и да привлечеме што поголем број на деца во салите, но и да влезат добри спонзори. Младински школи имаат скоро сите клубови, но ние како клуб на нив посветуваме големо внимание. Одбојката е олимписки спорт и треба да се направи соодветна селекција. Мене ми се потребни минимум од 6 до 8 години за да почне одбојкарот да чука на вратите на репрезентацијата. Клубот треба постојано да вложува, а корист од тоа покрај одбојкарите секако има и репрезентацијата, додава Ричлиев, кој создаде најголем број од денешните репрзентативци кои потекнуваат од Струмица и некои од нив настапуваат за актуелниот шампион, а други се признати интернационалци.
На клупски план вели дека најдобрите струмички одбојкари и оваа година ќе настапуваат во Лигата на шампиони во група во Бургас, Бугарија.
-Во група сме во Бургас каде домаќинот е голем фаворит за првото место, а ние со екипите на Будва и унгарскиот Кечкемет ке се бориме за втората позиција кој води понатаму, во друга група. Екипата за разлика од минатиот шампионат за нијанса е послаба, иако ростерот се уште не е завешен. Се надевам дека во најкраток рок ќе се екипираме и ќе имаме доволно време да се подготвиме за идните предизвици, додава Кирил Ричлиев.
На крајот инфорираше дека во тек се уписите на нови членови во пионерскиоте екипи и како што вели, секој кој е заинтересиран може да дојде и да се зачлени и да ги изучува тајните на одбојкарската игра, и еден ден да стане врвен играч и репрезентативец на нашата држава. рт/дма/
Фото: МИА архива