• понеделник, 23 декември 2024

Реџепи: Писмото до ЕУ се усогласува со вметнување на случаи од граѓани од македонска националност

Реџепи: Писмото до ЕУ се усогласува со вметнување на случаи од граѓани од македонска националност

Скопје, 17 февруари 2023 (МИА) - Пратеникот Скендер Реџепи-Зејд, кој мината година ја напушти Алтернатива и делува како независен пратеник, на денешната прес-конференција во Собранието информира дека пред три дена се сретнал со премиерот Димитар Ковачевски, со кого разговарале за испраќање на писмо до Европската унија во врска со судските случаи за кои постои сомнеж дека имало политичко влијание.

Тој истакна дека писмото се довршува и се усогласува со вклучувањето и на случаи за кои „биле заинтересирани граѓани од македонската националност“. Реџепи истакна дека меѓународните експерти од Европската унија треба само да направат евалуација, да видат дали во кој било сегмент од судската одлука е прекршен правен акт согласно законот и Уставот на Северна Македонија. 

- Се довршува, ќе се доусогласува. Има можност и случаи за кои биле заинтересирани граѓани од македонската националност и тие да бидат вклучени во писмото, оти сепак човечките жртви и судбини не бираат национална и верска припадност. Да се потрудиме за сите да има иста правдина. Писмото околу случаите ќе биде усогласувано. Значи тие нема да носат одлука, тие само ќе го кажат мислењето околу секој случај дали е праведно застапуван од правобранителство, одбраната, се до судската одлука. Ние сме убедени дека тие случаи се монтирани политички и веќе 30 години се научивме во Македонија да се монтираат политички случаи согласно политичките потреби на власта, рече Реџепи.

Тој додаде дека ќе го прифатат резултатот од тимот на меѓународните експерти за овие случаи.

- Секако дека ќе прифатиме. Едно независно обвинителство, еден независно експертско мислење ќе биде прифатливо од сите, вклучително верувам и за тие кои се засегнати во случајот, рече тој.

Реџепи истакна дека Алтернатива од кога станала опозиција почнала „да го крева гласот“,

- Алтернатива имаше тројца министри, тројца пратеници и јас бланко им дадов поддршка, во секое време да ја условуваат Владата, да го условуваат Собранието или да се реализира програмската определба или тие да ја напуштат Владата. Таа поддршка им ја дадов бланко иако не ја заслужија никогаш, но токму поради оваа точка, јас им ја дадов таа поддршка. Тие ниеднаш до сега не го креваа гласот за ниедна точка од програмските определби и договорот со Владата. Од кога станаа опозиција тие го креваат гласот, што е жално, недемократски и нечовечки да се злоупотребуваат овие случаи откако си опозиција, рече пратеникот.

Реџепи посочи дека Алтернатива направила политички пазар денот кога станала дел од мнозинството понудувајќи четири пратеници, а за возврат добила три министерска места и ред други функции и еден програмски договор што требало да биде и владин договор, владина програмска определба.

- Жално е што 12-13 месеци, колку што беа на власт ниеднаш на владина седница не го кренаа гласот за овие точки. Ниеднаш ни претседателот на партијата, кој е и пратеник во Собранието, не го крена гласот за овие точи. Сега откако се опозиција тие леат крокодилски солзи колку им било тоа важно. Тоа е класична злоупотреба и срамна злоупотреба, изјави Реџепи - Зејд.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој информира дека во моментов делува како независен пратеник и како таков ќе остане се до реализирање на одредени политички определби.

- Одлуката ќе го донесам заедно со тие луѓе кои дојдоа на мојот отчет минатата недела затоа што сум одговорен пред сите нив, рече Реџепи. фф/сп/

 

Остани поврзан