Речиси половина од Австралијците гласаа пред утрешните избори
- Речиси 40 отсто од избирачите во Австралија веќе го искористиле своето право на глас пред утрешните федерални избори, на кои се избира целиот состав на Долниот дом (150 места) и 40 од 76 сенаторски места.
Сиднеј, 2 мај 2025 (МИА) - Речиси 40 отсто од избирачите во Австралија веќе го искористиле своето право на глас пред утрешните федерални избори, на кои се избира целиот состав на Долниот дом (150 места) и 40 од 76 сенаторски места.
Според податоците на Австралиската изборна комисија, до четврток навечер веќе гласале 7,38 милиони граѓани, вклучително и над 1,5 милион преку пошта.
Околу 7.000 избирачки места ќе бидат отворени утре од 8 до 18 часот за останатите граѓани, бидејќи гласањето е задолжително.
На изборите се соочуваат актуелниот премиер Ентони Албанизе и неговата Лабуристичка партија со опозицискиот лидер Питер Датон од Либералната партија. Според анкетите, Лабуристите имаат предност. Истражување на ЈуГов објавено вчера предвидува мнозинство од 18 места за владејачката партија и историски слаб резултат за либерално-националната коалиција (47 места), пренесува ДПА.
Датон, сепак, останува оптимист. - Ова потсетува на 2019 кога резултатите од теренот беа многу поинакви од објавените анкети, изјави тој за 9 News.
Клучна тема во кампањата е трошокот на живот. Албанизе ветува посилно јавно здравство, поевтино згрижување деца и пониски сметки за струја, додека Датон најавува намалување на даноци, бирократија и имиграција.
Албанизе е премиер од 2022 година. Последен премиер што бил реизбран во Австралија е Џон Хауард во 2004 година. ссм/
фото: ЕПА