• недела, 22 декември 2024

Ретроспективна изложба на Јана Манева-Чупоска во Мала станица

Ретроспективна изложба на Јана Манева-Чупоска во Мала станица
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - „(С)ликовна исповед“ е насловена ретроспективната изложба на Јана Манева-Чупоска која вечер од 19.30 часот ќе биде отворена во Мала станица. Изложбата ја организира Националната галерија и ќе претстави над сто дела на авторката, изработени во различни техники: цртежи, колажи, масло на платно, акрил, видео арт, фотографии. Изложбата опфаќа триесет години творештво на Манева-Чупоска, вклучувајќи и дела создадени за време на нејзините студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во осврт кон изложбата, кураторот Маја Чанкуловска наведува дека творештвото на Манева-Чупоска е комплексно и повеќеслојно, а таа е мултимедијален уметница која подеднакво успешно се реализира во повеќе ликовни, односно визуелни дисциплини/форми: цртеж, сликарство, колаж, инсталација, моден дизајн, видео, перформанс... - Инкорпорирајќи ги знаењата од сите наведени области, таа смело создава синергија на спротивставени елементи, истражувајќи ги границите на секој медиум одделно и на сите заедно. Можеби синтагмата како „единство на контрасти“ би била суштински моментум за толкување на нејзините сè покомплексни дела, што се потврдува во речиси сите нејзини креации, посочува Чанкуловска во освртот за изложбата. Чанкуловска нагласува дека особено впечатлив е говорот во прво лице изразен преку мноштвото портрети во кои главен протагонист е самата авторка, со што се потенцира потребата за директен говор со гледачот. - Делата на Јана Манева-Чупоска, и покрај сериозноста на темите и отсликувањето различни емотивни состојби, суштински отсликуваат позитивен и свеж однос кон уметноста и животот кои во нејзиниот пример континуирано се преплетуваат, додава кураторката Чанкуловска. хс/сп/

Остани поврзан