• сабота, 06 декември 2025

Ретроспективна изложба на Мики Трендафиловски во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Ретроспективна изложба на Мики Трендафиловски во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Куманово, 17 октомври 2025 (МИА) - Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово вечер во 20 часот ќе биде отворена ретроспективната изложба „50 години творештво на Мики Трендафиловски“, информираа денеска од НУЦК.

Изложбата содржи 50 дела работени во повеќе временски периоди. Мирослав Трендафиловски Мики сликар е роден 1958 година во Куманово каде живее и работи како самостоен уметник. Досега реализирал 35 самостојни изложби и преку 100 групни изложби во земјава и надвор од неа. Во светот на уметноста е од својата 16-та година кога ја создава својата прва слика „Раѓање на …“, кога и започнува неговото сликарско патешествие.

Во последните 25 години од својот живот интензивно работи како уметнички раководител, координатор (селектор) и организатор на повеќе меѓународни ликовни колонии и манифестации во државата и надвор од неа. Добитник е на повеќе награди, признанија и благодарници за своето 50 - годишно ликовно творештво. Од 2022 година е автор и реализатор на десет изложби од проектот „Јас и моите пријатели“ со учество на педесетина автори од 14 држави, под мотото „Сонцето еднакво грее за сите“.

На оваа изложба меѓу 50-те дела што ќе бидат претставени се и 26 дела од разни периоди од неговото творештво што авторот првпат ги излага.

За творештвото на Мики Трендафиловски има бројни позитивни критики. ам/вг/


Фото НУЦК „Трајко Прокопиев“

Остани поврзан