• понеделник, 23 декември 2024

Рено може да го продаде Алпин

Рено може да го продаде Алпин

Енстон, 10 април 2024 (МИА) - Слабиот старт на Алпин во сезоната во Формула 1 повторно ги разгоре шпекулациите дека автомобилскиот гигант Рено може да одлучи да го продаде својот тим во светскиот шампионат. Петгодишниот план на Рено за враќање на врвот на Формула 1 е на работ на неуспех, а возачите на Алпин не успеаја да освојат ниту еден поен на четири трки досега.

Колапсот во перформансите на тимот е тешко да се објасни со оглед на тоа што Алпин заврши на 4-то место во конструкторскиот поредок во 2022 година, а минатата година во ова време главните задачи на тимот беа да го задржат тој пласман. Во 2023 година Алпин заврши на шестото место во конструкторите, а сега продолжува да заостанува.

Во текот на изминатата година, Алпин се раздели со извршниот директор на компанијата Лоран Роси, директорот на тимот Отмар Шафнауер, како и со спортскиот директор Алан Пермејн и техничкиот директор Пет Фрај. Да не зборуваме за непријатната ситуација што се случи во 2022 година кога Фернандо Алонсо објави дека заминува, а резервистот Оскар Пјастри одби да се трка за тимот.

Рено ја врати сопственоста на тимот во 2015 година, во 2016 година влезе во Формула 1, а од 2021 година тимот го носи името Алпин (Alpine) - спортскиот бренд на францускиот гигант. Нема недостиг од кандидати за тимот, бидејќи Рено веќе продаде околу една петтина од акциите на тимот на надворешни инвеститори, вреднувајќи го тимот на речиси 1 милијарда евра.

За време на тркачкиот викенд на Сузука, имаше гласини дека единствената пречка за продажба на тимот е судбината на поделбата што ги создава погонските системи за Алпин. Тука лежи важниот услов за идниот сопственик - кој и да го купи тимот на Алпин ќе биде обврзан да ги користи погонските системи на Рено до крајот на 2029 година. Вака ќе има смисла проектот за создавање на новите погонски системи кои ќе влезат во Формула 1 според новите правила за сезоната 2026 година.

Во исто време, тимот реагираше со официјално соопштение во кое се вели дека тимот не е на продажба и сите такви информации не соодветствуваат со вистината.дс

Фото: Твитер/Алпин

Остани поврзан