• среда, 06 ноември 2024

Рекорден пад на стапката на новороденчиња во Германија

Рекорден пад на стапката на новороденчиња во Германија

Берлин, 20 март 2024 (МИА) - Во последните две години стапката на новороденчиња во Германија е значително опадната и е најниска од 2009 година, соопшти денеска Федералниот институт за истражување на населението во Визбаден.

„Ова е невообичаено драстичен пад на стапката на новороденчиња, во минатото овие фази на пад се одвиваа многу побавно“, се наведува во соопштението на Федералниот институт за истражување на населението.

Истражувачите ги наведуваат пандемијата на коронавирусот, војната во Украина и инфлацијата како можни причини за падот на бројот на родени деца.

-Во такви периоди на повеќекратни кризи, многумина се откажуваат од желбата да имаат деца, вели шефот на студијата, Мартин Бујард. Тој, меѓутоа, не можеше да каже дали ова е актуелен тренд или почеток на долгорочен период на намалени раѓања.

Бројот на раѓања падна од 1,57 деца по жена во 2021 година на 1,36 во есента 2023 година, што е најниска вредност забележана од 2009 година.

По 1975 година, наталитетот во Германија беше во постојан пад, со исклучок на периодот меѓу 2015 и 2021 година, кој експертите го поврзуваат со владините мерки за помош на мајките со деца, но и со доаѓањето на голем број бегалци.

Опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) ја обвини владата за ненадејниот пад на наталитетот.

-Овој пад на стапката покажува длабока недоверба во работата на сојузната влада и несигурноста што владее меѓу граѓаните поради погрешните политики, изјави Силвија Брешер, портпаролка за семејни прашања во коалицијата ЦДУ/ЦСУ. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан