• петок, 26 јули 2024

Реконструирани повеќе објекти на Здравствен дом Куманово

Реконструирани повеќе објекти на Здравствен дом Куманово

Куманово, 16 ноември 2023 (МИА) - Пациентите од Куманово од денеска ќе имаат подобри здравствени услуги во реновираните простории на Здравствен Дом Куманово. Реновирани се детскиот диспанзер, Итна помош, објектот за домашна посета, стоматолошка амбуланта. Во Куманово денеска присуствуваа министерот за здравство, Фатмир Меџити, вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и претставници од Собранието.

- Сите заедно изминатиов период креираме политики за натамошно унапредување на состојбата на здравствениот систем. После децении, реновираме болници, создаваме современи услови за работа, за пациентите да бидат позадоволни. Денеска сум во посета на Куманово, каде се реализирани повеќе реновирања. Извршена е замена на прозори, монтажа на централно греење, опремени се со нов мебел, Брзата помош и детскиот оддел, стоматолошката амбуланта има нови работни столови. Заменети се покривите на амбулантата „Тоде Мендол“ која е дел од Здравствениот дом во Куманово. Здравствен дом Куманово доби и нови апарати за ЕКГ, аудиометар и апарат за офталмолошки скрининг. Скринингот се прави за кандидати за возачки дозволи, вработувања, едукација и систематски прегледи. Сето ова е реализирано во период од една година, а инвестицијата е над 11,3 милиони денари. Драго ми е што сега во Куманово здравствените работници ќе имаат подобри услови работа, а пациентите, освен врвна медицинска услуга ќе имаат чувство за достоинство и удобност, рече на свеченото отворање министерот за здравство, Меџити.

Директорот на здравствениот дом, Фарук Алили кажа дека одвоените објекти ќе понудат современа здравствена заштита за пациентите од регионот.

- Инвестиравме во опрема со најнова технологија, лабораторија, медицина на трудот, стоматологија, апарат за очи, уши, ЕКГ апарат, за спирометрија и друга опрема која ќе ја олесни работата на медицинскиот кадар и ќе овозможи квалитетни услуги за пациетите, изјави Алили.

На настанот се обратија и Груби, Ахмети и Арбр Адеми.

Извесен период додека траеше обемната реконструкција на Итна помош и другите објекти од Здравствен дом ги користеа објектите од кумановската болница. Здравствен дом Куманово ги покрива потребите на пациентите од североисточниот регион со приближно 180.000 пациенти. ам/сх/

Фото: МИА

Остани поврзан