• вторник, 05 ноември 2024

Реконструирана спортската сала во скопското училиште „Кузман Јосифовски - Питу“

Реконструирана спортската сала во скопското училиште „Кузман Јосифовски - Питу“

Скопје, 25 февруари 2024 (МИА) - Завршена е реконструкцијата на училишната спортска сала во ООУ „Кузман Јосифовски - Питу“ во Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска го посети реновираниот објект, каде е поставена нова ПВЦ подлога и е извршено молерисување на целиот простор.. Со обновата на спортската сала се заокружува целосната реконструкција на ова училиште, информираат попладнево од Општина Кисела Вода.

- Минатата година беше променета кровната конструкција, поставена нова термоенергетска фасада, изграден лифт за децата со посебни потреби, пристапни рампи, специјални тоалети и паркинг - места за овие лица, сензорна соба, со што ова е првото целосно инклузивно училиште во Скопје, пишува во соопштението на локалната самоуправа.

-Ова училиште, претставува вистински одраз на нашата стратегија за унапредување на образованието и поддршка на развојот на нашите најмлади, поддршката на инклузијата и на лицата со посебни потреби, како и стимулирањето на развојот на спортот и подобрување на физичката активност кај децата, се додава во соопштението.

Во изминатите две години, како што наведуваат од Општината, целосно се реконструирани и спортските сали во ООУ „Невена Георгиева - Дуња“, „Партенија Зографски“, а започната е и изградбата на спортската сала во Пинтија, во склоп на училиштето „Рајко Жинзифов“.

-Вложувавме и во изградба на спортски терени во училиштата, па така ООУ „Круме Кепески“ доби ново фудбалско и детско игралиште, повеќе наменско и кошаркарско игралиште во „Партенија Зографски“, спортски терени во „Кирил Пејчиновиќ“, култната „Славија“ стана модерен спортски комплекс, изградивме спортски центар во Пинтија, во Потстаница, спортско рекреативен центар во Дупки, во Оксиген и така натаму. Продолжуваме понатаму, бидејќи ова е насока кон која ќе се движиме и во периодот што е пред нас, вели градоначалникот Ѓорѓиевски. бд/вг/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан